Роденден во МКЦ со концерти, изложба, перформанси, филмски маратон

Традиционално, прв настан во новата година во Младинскиот културен центар е Роденден, кој го одбележува 45 роденден на оваа институција и ги кани сите на торта, концерти, изложба, перформанси, филмски маратон, на 18 јануари од 20 часот.

Во Денсинг салата на МКЦ ќе настапат Обојени програм, Милко, Визељ и „The Local Blue“.

Обојени програм, бенд што постои речиси 4 децении, уште од првиот ден се наметнаа како состав со автентичен музички израз. Бранислав Бабиќ Кебра и Обојени програм преку својата музика ги канализираат The Fall, Joy Division, Slits, Raincoats… но се музички жанр сам за себе и нивната музика е неблагодарно да се споредува со друг бенд. Најновата „порака“ на Обојени програм е „Danas će se desiti nešto lepo” (Денес ќе се случи нешто убаво), а новата песна од 2017 година го најавува и новиот албум. Бендот во моментов концертно го промовира винилното издание ​​ „Exit 2017″​​, на кое се наоѓа спектакуларниот настап што го имаа на главната сцена на фестивалот Егзит.

Милко е добро познат бенд на скопската публика, од западно Скопје формиран во 2006 година од Сашо Митревски, Стефан Терпини и Никола Кузмановски. Претходно работат под името Nicotine заедно со Милко Митровски и го снимаат изданието Nicotine, кое е објавено декември, 2010. Во моментов се работи на материјалот за новиот албум, а публиката ќе може да слушне нешто од новиот материјал и постарите хитови на овој одличен скопски бенд.

Младиот белградски бенд Визељ по два најавени концерта во Скопје, доаѓаат под мотото „трета среќа“. Првиот пат требаше да настапат заедно со постарите колеги Репетитор, но поради здравствени причини не успејаа да гостуваат на тој концерт. Втор пат беа најавени на ПИН конференцијата 2017, но поради временски неприлики повторно не се качија на бината на МКЦ.

„The Local Blue“ се инструментален рок бенд од Скопје, Македонија. Формирани се во 2016 година. Во бендот свират Кристијан Новковски (тапани), Панде Ефтимов (бас) и Кристијан Савиќ (гитара). Инспирирани од Clutch, Ali Farka Touré, Jimi Hendrix, Rage Against the Machine…

Во Бифе на МКЦ ќе има целовечерен сет на сериозна диџејска екипа собрана под името „Funky Fresh“.

Програмата и оваа година вклучува низа настани. Во Галеријата МКЦ ќе биде поставена изложбата на фотографии „Гледај во позитив“, на која со фотографии ќе се претстават Наке Батев на тема „Втора шанса“, Томислав Георгиев „EFFEGIES“ и Огнен Теофиловски со „И јас имам оган“.

Во Џебното кино ќе се прикажува авторски проект на Драгана Гунин „Каде одат претставите што не се случуваат?“, перформанс посветен на претставите што не се случиле, гледано низ призмата на театарски режисер и влијанието на политичката ситуација во работата. Во Кино Фросина како и секоја година ќе се одржи поетскиот перформанс „Песнило“, со млади поети кои „ќе ги трпат ѓурултиите“ на Иван Шопов.

Во настанот се вклучува и Киното Милениум со филмски маратон, додека во Планетариумит на МКЦ е најавен „BLIND DATE“ програма курирана од „Ако никој не свири“.