#Ретвитни оброк: Наместо на Инстаграм, храната ја делиме со оние што немаат

Топла манџа, ориз и месо е најчесто храната што активистите од иницијативата #Ретвитни оброк им ја делат на луѓето кои ја немаат. Тие секој викенд се собираат за да приготват вкусен оброк, кој го делат во кругот на спомен-куќата на Мајка Тереза во 12 часот. Со акцијата сакаат да укажат дека храната не е луксуз, туку основна човекова потреба.

Иницијативата постои речиси осум месеци и нејзина цел е да се подели храната со оние кои навистина имаат потреба од неа, најчесто бездомните и социјално загрозени лица на подрачје на град Скопје.

„Се започна со еден твит во кој  две твитерџики  најавија идеја за споделување оброк – како што споделуваме фотографии на Инстаграм, да речеме, така да споделуваме слики од зготвен оброк“, вели Ана Голејшка од иницијативата за Радио МОФ.

Акцијата #Ретвитни оброк во последниот период стана актуелна на социјалните мрежи, што според Голејшка дополнително придонело да се приклучат нови волонтери и донатори.

„На идејата се надоврзавме многу луѓе, постепено инцијативата се здоби со многу поддршка и еве, веќе сме на 33-тата недела со #ретвитниоброк хаштаг, со кој луѓето дознаваат, донираат, помагаат со логистика или едноставно ја прошируваат информацијата“.

Принципот е едноставен, велат од иницијативата, кој функционира со донирање на основни продукти.

„Од ‘Вистински дела на љубезност’ ни обезбедуваат амбалажи, а мноштво донатори, добри луѓе, наши пријатели и колеги не снабдуваат со намирници. Ние, кои сакаме и можеме да готвиме, правиме оброци секоја сабота со поделба на намирниците, некогаш готвиме заедно, некогаш имаме донации од маркети и ресторани, со што покриваме одредена бројка оброци кои се неопходни“, објаснува Голејшка.

Тие досега имале соработка со повеќе фирми, а постојано се зголемувал бројот на луѓе кои сакаат да донираат храна и облека. Волонтерите најчесто готват разни манџи, делат овошје, а понекогаш имаат и благо.

„Се работи за основно достоинство на човекот да биде нахранет. Гледаме сите бездомници и социјално загрозени лица кои секоја сабота доаѓаат пред платото на АРМ, да бидат нахранети. Вкупно се околу 70 лица, со тоа што има и некои од нив кои не се во можност да доаѓаат, па нашите драги Весна и Тони, координатори во ‘Вистински Дела на Љубезност’ ги распоредуваат оброците на терен, обично за семејства што живеат подалеку или се оневозможени“, вели Голејшка, потенцирајќи дека секоја акција и оброк се важни.

Иницијативата ќе продолжи и во иднина, вели Гојлешка. На Фејсбук веќе се споделува следната акција овој викенд, со апел до сите кои сакаат и можат, да помогнат во нејзино спроведување. За овие активисти, успех е да има што повеќе помош, а помалку гладни луѓе.

Емилија Петреска