[Репортажа] Заборавениот „Медицинар“ сè уште постои

МедицинарТишина. Тоа е првиот збор кој ми доаѓа на памет кога ќе се сетам на Медицинар односно на студентскиот дом „Невена Ѓорѓиева – Дуња“ што е дел од Студентскиот центар „Скопје“. Се наоѓа веднаш до Клиниката за инфективни болести така што е невозможно да не го забележите. Но, за овој студентски дом ретко кој знае или пак и да знае не го спомнува.

Кога пристигнав, немаше никој кој да ме пречека освен неколку мачки што се врткаа наоколу и бараа засолниште од студот. Седнав на клупата и чекав некој студент да излезе. Ништо од тоа. Можев само да видам една студентка како ги простира своите алишта и со која успеав да разменам два-три збора.

[Репортажа] Заборавениот „Медицинар“ сè уште постоиВеќе трета година како оваа студентка седи овде. Искрено не ми беше јасно како може упорно да седи во студентскиот дом што се смета за еден од оние што се во најлоша состојба.

[Репортажа] Заборавениот „Медицинар“ сè уште постои„Мирно е“ рече. „Не забележуваш? Ретко кој да те загледнува. Овде секој за себе си го води животот, затоа најчесто овде седат студенти што треба да дипломираат или пак некои што веќе почнале да работат, а и се наоѓа во близина на центарот“.

Ја прашав за условите, иако за Медицинар е познато дека ги има најлошите. Вели дека во мензата секогаш има храна што веројатно се должи на малиот број на студенти. Но, ја загрижува фактот што мензата е од страната на Клиниката за инфективни болести така што тоа може да биде ризично по нивното здравје.

Во собата имаше три кревети, една маса на којашто беа ставени производите што ги купила од бонската продавница, додека на другата што беше импровизирано направена од даска поставена на стол ми даде чаша сок каков што е „адетот“ кога ќе дојде некој гостин. Имаше плакар и украси по ѕидовите што наликуваа на обичен префарбан гипс.

Според тоа што ми го кажа, овде треба да се снајдеш, па да живееш. Ретко да го имаш целиот инвентар во собата, па затоа, кој прв дојди тој товари.

[Репортажа] Заборавениот „Медицинар“ сè уште постоиСе слушаше музика од радиото поставено на парното, кое како што вели мојата соговорничка е „поставено за украс“. Еден од недостатоците на овој студентски дом е тоа што ретко кога има парно. Кога станува збор пак за влагата, не им се пишува добро на оние студенти што се сместени веднаш до бањата и мијалникот со тоалетите што се користат од сите станари на бараката.

Оваа година од 13 бараки, функционираат само пет. Останатите се затворени поради намален број студенти кои аплицирале за да седат овде.

Во близина на бараките најдов еден човек што живеел целиот свој живот во близина на овој студентски комплекс. Раскажува дека бараките биле изградени по земјотресот, а кога пред 20 години се случил пожар, целосно изгорела една барака која никогаш не била обновена.

Бараките се изградени со цел да служат како живеалиште за студентите. Во една барака има 10 простории за живеење планирани за по тројца студенти. Покрај собите за сместување има бања и тоалет. Освен бараките, студентите ги имаат истите работи како и студентите во студентските домови – менза и бифе во едно, бонска продавница и читална.

[Репортажа] Заборавениот „Медицинар“ сè уште постои

Ваквите градби, како што се бараките веќе не функционираат во останатите студентски домови. Последно што се случи беше рушењето на старите трошни бараки во студентскиот дом „Стив Наумов“ и изградба на нови. Но, тие сè уште не се пуштени во употреба.

Ветувања има дека во блиска иднина на тлото на Медицинар ќе се гради нов студентски дом. Но дотогаш, Медицинар се чини останува заборавен од сите.

Емилија Петреска