Реакции: Да се поништи изборниот грабеж и институциите да понесат одговорност за полициската бруталност

Повеќе студентски и младински организации денеска изразија згрозеност по синоќешните случувања пред седиштето на Студентскиот парламент на УКИМ, каде студенти насилно беа избуткани од специјалци, откако со часови го блокираа влезот на организацијата. Блокадата беше израз на револт против повеќето нерегуларности на изборниот процес за нов претседател на СПУКМ.

Националниот младински совет на Македонија изразува огромна загриженост и најостра го осудува развојот на настаните по повод студентските избори.

„Национален младински совет на Македонија бара Ректорската управа на УКИМ да се произнесе за транспарентноста и демократичноста на овие избори, да се произнесе за легитимитетот на новоизбраниот Претседател на УКИМ и да преземе одговорност за ограничувањето на младинското учество, необезбедувањето на еднакви можности за сите студенти и да се произнесе по прашањето како во иднина ќе гарантира безбедност за своите студенти“, велат од НМСМ.

Од Младинскиот образовен форум велат дека вчерашниот ден е означен со најкриминалните студентски избори и погазување на студентските права на најголемиот и најзначаен универзитет во Македонија. За кандидатот кој СПУКМ го прогласи за победник – Давор Поповски, велат дека е наследник на нелегална, криминална и насилничка организација, која во иднина ќе гласа во името на сите студенти во највисоките тела на управување на универзитетот.

„Вчерашните криминални избори за претседател на СПУКМ се нелегални, недемократски и ги погазија правата на студентите и мора веднаш да бидат поништени. Младински образовен форум бара целосно поништување на изборите од страна на избирачката комисија на СПУКМ, ректорот во заминување Велимир Стојковски и идниот ректор Никола Јанкуловски и осуда на овие избори од целата академска заедница. Вчерашното брутално насилство и изживување врз студентите кои застанаа во одбрана на академското достоинство и своето право на учество бараме да бидат осудени од Народниот правобранител, но и Студентската правобранителка која наместо да побара заштита на студентските права повикуваше на гласање. Овие избори не треба да бидат признаени ниту од Ректорската управа и Сенатот, каде иако седат нелегалните претставници на СПУКМ останатите членови треба совесно да постапат и да не ги признаат резултатите“, велат од Младинскиот образовен форум.

Со сличен став е и Здружението „Млади Европски Федералисти – Македонија, од каде велат дека најостро го осудува изборниот грабеж на вчерашните нелегални и нелегитимни избори.

„ЏЕФ Македонија, исто така, најостро ја осудува полициската бруталност од страна на припадниците на ЕБР врз поддржувачите и членовите на Студентскиот Пленум, кои вчеравечер мирно го искажуваа својот револт против погоре споменатите изборни нерегуларности. Да биде апсурдот поголем, пошироката јавност можеше да види како припадниците на ЕБР застанаа во одбрана на истиот тој изборен грабеж и со тоа го легитимизираа и заштитија криминалот на СПУКИМ.
ЏЕФ Македонија изразува загриженост за отсуството на (соодветна) реакција од страна на Ректорот на УКИМ, но и од страна на деканите и управителите на факултетите и институтите во состав на УКИМ, како и професорите кои на истите предаваат“, велат од ЏЕФ Македонија.

Тие соопштуваат дека привремено ќе ги прекинат сите облици на соработка, со сите органи и тела на УКИМ. Воедно, повикува на непризнавање на изборите за Претседател на СПУКИМ, како и прекин на секаков облик на соработка со оваа организација. ЏЕФ Македонија го повикува и Јавното обвинителство да покрене постапка против членовите на СПУКИМ и ЕБР, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело. Во спротивно, тие ќе сметаат дека Обвинителството е сочесник во криминалот.

Во реакциите се приклучи и студентската организација ИЗЛЕЗ,кои го осудуваат нетранспарентниот начин на распишување на избори за нов Претседател на Студентски парламент на УКИМ.

„Студентската организација ИЗЛЕЗ го повикува Ректоратот на УКИМ да се произнесе за легитимноста на новоизбраниот Претседател на СПУКМ и да преземе одговорност за оневозможување на фер учество на сите студенти во изборите и да се произнесе за прашањето како ќе ја гарантира безбедноста на сите свои студенти во иднина. Студентската организација ИЗЛЕЗ исто така го повикува Министерството за внатрешни работи на РМ да ги преиспита мерките со кои ја брани безбедноста, да се воздржи од насилство, да ја запре бруталноста врз студентите и конечно да почне да ги штити интересите на сите студенти подеднакво“, се вели во нивната реакција.

Со свои реакции се јавија и Пленумите, кои упатија поддршка и солидарност за своите колеги и другари.

„Најостро го осудуваме вчерашниот изборен процес кој се коси со сите демократски принципи и правни норми, каде студентскиот лидер се избира за време на летни одмори со тајно гласање но без паравани (што е јавно гласање!), без избирачки список, без регистарски гласачки ливчиња и со голем број други неправилности. Оттука прашуваме, дали има пример на демократски и фер избори во 21 век, каде избирачките кутии се претходно внатрешно облепени (за да не се видат ливчињата внатре), па се бројат зад затворени врати?“, велат од Средношколски пленум, на што се надоврзаа и членови на Професорскиот пленум.

Покрај студентските организации и неформалните граѓански движења, осуда за вчерашните случувања во кампусот на УКИМ и пред СПУКМ, изразија и дел од политичките партии.

Студентскиот пленум за денеска најави протест, кој ќе започне пред СПУКМ, во 19 часот, а поддршка добија и од Шарена револуција.