Првиот скопски извиднички одред со низа мисии за правење добро дело

По повод одбележување на Светскиот ден на извидниците, 22 февруари, извидниците од најстариот извиднички одред во Македонија одржаа низа активности за помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно.

Светскиот ден на Извидниците се слави на роденденот на основачот на најголемото младинско движење во светот, Роберт Баден Пауел.

На многу места е потребна помошта и поддршката за хуман гест. Затоа извидниците од ПСИО се поделија и излегоа на терен да направат добро дело.

На 18 февруари извидниците ги посетија децата од социјално загрозените семејства од ОУ Дитуриа во Сарај на кои им донираа зимска облека, кондури и училишен  прибор. Наскоро велат дека ќе се вратат со дополнителна помош, бидејќи е потребна храна и прибор за хигиена. Донација со облека беше направена и на неколку ромски семејства, кои навистина живеат во незавидни услови.

На извидниците од јато Фикуси оваа година им е прва како се вклучуваат во мисијата Добро дело по повод Светскиот ден на Извидниците 22 Февруари. Тие годинава решија да ги посетат децата од Домот 11 Октомври во Капиштец и да им го презентираат извидничкиот начин на живеење, вреќа за спиење, шатор, каков ранец користат, како палат оган со помош на магнезиум, но и основи за Прва Помош и Заштита и многу извиднички игри. Извидниците на ПСИО традиционално и оваа година подготвија сендвичи кои ги поделија на гладните по скопските улици.

Присуствувале и во Дневниот Центар за деца на улица Шуто Оризари, како и во СОС Детското село. Таму, ги научиле на извидничката азбука за декодирање, како да врзуваат јазли и „ултимејт фризби“.

Целта на извидничкото движење е да се градат идните генерации во корисни граѓани, со поширока перспектива, а со тоа да се развие и добрата волја како и мирот во светот преку другарство, еднаквост и соработка.

ПСИО воедно апелира до јавноста за донација на средства за хигиена (од секаков карактер и за лична и домашна) и храна. Оние кои сакаат да помогнат, можат да ги донесат донациите во одредот секој ден во 19:00ч., а тие ќе ги однесат кај семејствата.