Укинување на математиката како задолжителен предмет на полагање на државна матура и менување на ефектот на резултатот од полагањето на екстерното тестирање врз крајната оценка на ученикот, се главните барањата на Средношколскиот пленум кои денеска беа претставени за време на првиот отворен состанок.
Околу 50 средношколци се собраа во Градски парк за да дискутираат за барањата и концептот на работа на Средношколскиот пленум со цел да се постигне полесна комуникација на сите градови на ниво на Македонија.
„Целта на нашиот собир денеска е пред се да ја претставиме предлог структурата како Средношколскиот пленум функционира и ќе функционира во иднина и да се претстави работата на досегашните интерни пленуми, како и формирање на нови интерни пленуми во оние школи каде што недостасува“, рече Теано Кардула од Средношколскиот пленум.
Тие сметаат дека тестирањето не покажува дали наставната програма е квалитетна, а оценката не треба да се сведува само на резултатите од екстерното, туку мора да се земат предвид активноста и успехот во текот на цела учебна година.
Од Пленумот информираат дека структурата на дејствување ќе биде со интерни пленуми на ниво на средни училишта и генерален пленум на кој ќе се изгласуваат одлуките, а во кој ќе учествуваат по четири претставници од секое средно училиште.
Нивните барања, како што велат, се уште не се доставени до Министерството за образование и наука. Тие ќе ги достават барањата до надлежните институции кога целосно ќе бидат оформени, а за тоа какви активности ќе преземат во иднина зависи од одговорот што ќе го добијат од министерството.
Средношколскиот пленум постои веќе два месеци, а се формираше бидејќи, како што објаснуваат, се јавила потреба гласот на средношколците да биде слушнат. Тие потенцираа дека за идните активности имаат поддршка од родители и професори.
Ива Јовановска