Протестот на Идомени сѐ уште трае, секој час пристигнуваат стотици мигранти

Протестот на бегалците кампот Идомени сѐ уште трае. Иако стотина лица протестираа седејќи на пругите, товарниот воз кој беше блокиран од утрово, полека го пропуштија да тргна кон Грција. На местото има засилено присуство од страна на полициските сили, јавува репортерката од Радио МОФ, Кристина Озимец која во моментов се наоѓа во кампот на грчката страна границата.

Бегалците извикуваат „Меркел! Меркел!“, „Македонија, пушти нѐ“, „Помогнете ни, македонски граѓани“, „Европа, пушти нѐ“. Дел од нив носат и со транспаренти со кои бараат помош.

Во кампот има медиумски екипи од цел свет. И покрај силното полициско обезбедување, местото е целосно неорганизирано. Хигиенските услови се лоши, за илјадници луѓе се поставени само дваесетина монтажни тоалети. Вчера во Идомени биле сместени околу 10 илјади лица, а денес се проценува дека има уште 2-3 илјади повеќе, со оглед на тоа што секој час пристигнуваат по стотици мигранти.

Редици бегалци чекаат за храна која се состои од сендвичи и вода. Доста од нив чекаат ред и за медицински совет, преглед или лекови.

Во кампот се наоѓаат претставници и волонтери од бројни невладини организации. Има десетина големи шатори обезбедени од агенциите, а останатите ги носат самите мигранти, кои понекогаш патуваат по неколку километри до најблиското населено место каде се обидуваат да набават шатори и ќебиња.

На македонската страна на границата пак засега е мирно. Во текот на вчерашниот ден за влез во земјава биле издадени потврди на вкупно 458 странски државјани, од кои 357 се државјани на Сирија, а 101 државјани на Ирак.