Протестен собир на средношколци во неколку скопски училишта

Околу 150 ученици од скопската гимназија „Никола Карев“ денеска одржаа мирен протестен собир против воведувањето на математиката како задолжителен предмет на државната матура. Во исто време, собири се одржаа и во градежното училиште „Здравко Цветковски“ и гимназијата „Георги Димитров“.

Откако заврши првата смена, учениците излегоа во училишните дворови во знак на протест. Тие велат дека ваквите собири ќе продолжат и во наредните денови, со намера масовноста да се зголеми и да се вклучат повеќе ученици.

„Нашите барања се да се да се врати стариот систем на полагање на државната матура. Проблемот со полагањето математика е подлабински и врз него влијаат повеќе фактори, а не само ние учениците, професорите или програмата“, вели ученичка од гимназијата „Никола Карев“.

За време на собирот пред гимназијата „Никола Карев“ немаше присутни професори. Како што велат учениците, не само што немаат поддршка од професорите, туку на некои од нив им било кажано и дека ќе добијат неоправдани изостаноци.

Учениците велат дека нивните барања ќе ги достават до Министерството за образование и наука и ќе чекаат одговор. Во случај да им ги отфрлат барањата, велат дека ќе преминат на следен чекор на искажување револт.

Сличен собир се одржа вчера и во гимназијата „Орце Николов“ од каде учениците порачаа дека се против новиот концепт на матура. Тие потенцираа дека не ја бојкотираат наставата, туку само се обидуваат да го искажат своето мислење.