Протест со молк и во црно за Кежаровски

Протест со молк и во црно за КежаровскиИницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски утре (23.10) во 12.05 часот ќе одржи протест пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје (или познат и како Музеј на ВМРО).

Од Одборот ги повикуваат новинарите, медиумските работници и сите граѓани заедно да ја одбележат борбата за слобода и во нејзино име да изразат несогласување со затворската казна во траење од четири и пол години, која вчера му беше изречена на новинарот Томислав Кежаровски.

„Придружете ни се со молк и облечени во црно на симболичен начин да покажеме револт поради заробената медиумска слобода“, стои во повикот на Иницијативниот одбор.

Новинарот Кежаровски беше уапсен пред пет месеци во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години во два броја на магазинот „Репортер 92“. Полицијата со специјалци го приведе Кежаровски, под сомнение дека оддал информации за сведок, за кој тврди дека бил заштитен, со што го прекршил законот. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.

На следниот линк може да се прочитаат дел од реакциите на Твитер за пресудата на Кежаровски.