Промоција на две биографии од Агата Тушињска во Јавна соба

Книжевниот центар Антолог, како дел од активностите на фестивалот Bookstar, ќе одржи промоција на две биографии од полската писателка Агата Тушињска – „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“. Таа ќе пристигне од Канада, каде прими високо признание. Промоторка на авторката ќе биде Соња Стојменска-Елзесер.

Промоцијата ќе се одржи утревечер (2 ноември), со почеток во 20 часот во Јавна соба.

„Деликатна жена. Талентиран автор. Голема дама. Борец. Секогаш со стил, но и мошне контроверзна. Ја претставуваме со две биографии – на Вјера Гран – полската Марлен Дитрих, и на Бруно Шулц. Прекраснотии. Студирала драмски уметности, но литературата и новинарството ја маѓепсале. И таа сега нас не` опчинува со своето пишувачко магично стапче“, се вели во најавата за настанот.

По промоцијата следува забава за која ќе се ќе се погрижи групата „Перија“.

Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.