Професорски пленум: отворено писмо до ректорот на УКИМ Велимир Стојковски

Професорскиот пленум на УКИМ го објави писмото кое беше испратено до Ректорот, проф. д-р Велимир Стојковски, кое го пренесуваме во целост:

Почитуван ректоре, проф. д-р Велимир Стојковски,

Дозволете најнапред да Ви ја честитаме Новата година и да Ви посакаме среќа и успех, Вам и на целата ректорска управа.

Како што веќе знаете од медиумите, како одговор на иницијативата на нашите студенти, кои повеќе од два месеца протестираат и се обидуваат да издејствуваат конструктивен дијалог со државните институции во врска со измените на Законот за високо образование, и ние професорите конституиравме Професорски пленум. Во него членуваат и активно дејствуваат преку 500 професори од сите универзитети во Република Македонија. Со нашето дејствување сакавме да го поддржиме она што низ институционалните канали го правеа деканатите и ректоратите. Иако нашиот глас беше единствен, а приговорите аргументирани и во висок степен хармонизирани, сепак се удрија од ѕидот на молкот на институциите.

Во овој момент, веќе нема дилема дека Владата на Република Македонија не е подготвена за јавна дебата и ги користи сите средства на моќ, па и принуда, да создаде раздор во академската заедница, но и да стигматизира и да ги заплаши особено помладите колеги (доценти и асистенти) кои или мораат да се запишат на листата на „подобни“ професори или да се казнат затоа што се потпишале на писмата упатени до Владата и Собранието. Досега бевме трпеливи, но очекувавме и од Вас да го дигнете гласот во одбрана на нашиот дигнитет. Сега веќе трпението е пред крај – ние сме понижени и навредени, па дури и принудени да излегуваме на протести и да зборуваме пред зградата на Собранието, само за да покажеме дека сме подготвени со сите средства да ја браниме автономијата на универзитетот. Цениме дека не е доволно со јавноста да се комуницира само преку штури соопштенија на ректорска управа и на сенатот, па дури и на Интеруниверзитетската конференција, кога законот е на чекор до донесување и тоа во постапка која нема ништо заедничко со демократската процедура. Свесни сме дека поканата упатена од Владата, за разговор само три дена пред второто читање на Законот (со или без амандмани) во Собранието е фрлање прашина в очи и создавање привид на дијалог со нас, како академска заедница. Ние со индигнација одбиваме да им дадеме легитимитет post festum.

Со ова писмо, ние професорите на УКИМ кои членуваме во Професорскиот пленум, актуелни и пензионирани, но и сенатори и академици, бараме од Вас јавно да застанете во одбрана на дигнитетот на нашиот Универзитет (и на универзитетите воопшто), бараме јавно да укажете на хајката против личности – ваши ценети колеги. Очекуваме поангажирано да застанете во одбрана на консензуално искажаните ставови на факултетите, но и да не дозволите и по третпат да бидете изманипулирани со наводна дебата организирана од страна на Владата. Ние сме подготвени за конструктивна соработка за подготвување сосема нов Закон за високо образование, но само во демократска атмосфера, со пристоен рок и со широка консултација на сите засегнати.

На крајот, Ве повикуваме Вас, заедно со целата ректорска управа да се потпишете на писмото кое планираме да го упатиме до претседателот Иванов, а со кое ќе бараме да стави вето на законот. Вашето место е меѓу студентите и професорите кои два месеца солидарно стојат на заедничка линија на одбрана на универзитетот, особено УКИМ.

Со почит

Професорски пленум на УКИМ