Предавање во автономна зона: Потребна е целосна либерализација на образованието

Неопходно е да се спроведе целосна либерализација на високото образование е заклучокот од денешното алтернативното предавање „Да ја одвоиме државата од образованието: патот кон слободно и квалитетно образование!“ на Бојан Богоевски.

Предавањето кое беше дел од култрно-образовната програма на Машинскиот Факултет и ФЕИТ имаше за цел да ги претстави реформите во образованието кои би можеле да бидат од голема корист со цел да се подобри образованието во државата.

„Неопходно е да се спроведе целосна либерализација на високото образование, а т.н. „one size fit all“ решенија не се согласни со природата на човекот бидејќи сите сме различни, очекувањата на нашите родители се различни, сите имаме различни очекувања и различни желби и дека е неопходно да има либерализиран пазар“, се обрати Богоевски пред присутните студенти.

Според Богоевски, овој бунт е еден од најголемите и најзначајни граѓански иницијативи во Македонија бидејќи за првпат некој да се охрабри во државата и да каже доста е. Тој вели дека овде  е многу поважна иницијата отколку само реформите во образованието.

„Многу е битно дека образованието е неминовно поврзано со пазарот на трудот. Покрај тоа што се градиме како луѓе во унииверзитетите, се градиме и како персони кои ќе знаат утре како да си го заработат лебот и ќе бидеме корисни за другите луѓе“– изјави Богоевски.

Ова е веќе четврти ден како трае студентската окупација на Машинскиот Факултет и Факултетот за електроника и информациски технологии. Досега студентите организираа неколку работилници и слични алтернативни предавања за како што велат, да ги надоместат пропуштените факултетски предавања.

Студентите заедно со свои професори во средата ја окупираа зградата на Филозофски/Филолошкиот факултет поради незадоволството од изгласаните измени во законот за високо образование со кој се воведува и полагање државен испит на универзитетите. Еден ден подоцна го проширија студентскиот фронт и во зградата каде се сместени Машинскиот факултет и ФЕИТ.

Моника Кочовска