Со повеќе програми за едукација на Роми до поактивна заедница

Селма Еминоска е студентка во втора година запишана на општа медицина и е решена да ги сруши стереотипите меѓу луѓето за Ромите. Таа е корисник на стипендијата која е дел од програмата на Ромскиот ресурсен центар и Фондацијата отворено општество, и смета дека се потребни уште многу вакви стипендии кои ќе го олеснат пристапот до образование на Ромите.

„Јас сакам да бидам една од многуте што ги има денес кои ќе покажат дека не сите Роми не учат, дека не сите Роми се такви како што мислат луѓето,  дека не сите прсти се исти. Сметам дека е важно да продолжат ваквите стипендии бидејќи има деца коишто се со капацитет и има деца коишто сакаат да учат, но поради финансиската положба во којашто се наоѓаат, тие и нивното семејство, не можат да си го пружат тоа. Но, не треба само странските организации да даваат, треба и државата да биде таа којашто ќе се залага бидејќи знаеме дека е многу мал бројот на образовани Роми. Треба државата да биде таа којашто ќе се залага овие стипендии да продолжат и понатаму“, вели Еминоска.

Самија Љатиф пак, која е дипломирана студентка на Медицинскиот факултет смета дека програмите им помагаат на студентите да се запознаат со реалните проблеми со кои се соочуваат Ромите во областа на здравството, но и да ги осознаат нивните права.

Ова е четврта година по ред откако се даваат вакви стипендии на средните медицински училишта и студенти на медицинските факултети, а за овие четири години поминале 196 млади кои завршиле некој од медицинските смерови.

На синоќешната неформална средба која имаше за цел вмрежување на новинари и Роми кои учат медицина се спомена потребата младите, освен да се едуцираат во областа на медицината, да знаат како тоа да го пренесат во својата заедница.

Сепак, она што според студентите е најкорисно од ваквата програма е менторството со искусни професори. За предизвиците со него и постигнувањата на студентите низ призмата на професорите зборуваше професорката Елена Ќосевска која посочи дека ваквата работа бара и голема одговорност.

„Ние им помагаме во техниките за учење, но и да се вклучат во општествени активности и да им ги прошириме видиците дека освен медицината треба да имаат и други погледи во смисла на тоа да ги подобрат комуникациските вештини“, рече Ќосевска.

Програмата вклучува четири компоненти и тоа финансирање, менторство, застапување и медиумска промоција. Во моментов, како што соопшти претседателката на Ромскиот ресурсен центар, Фатима Османовска Кундевска, 56 студенти ја користат оваа стипендија, преку која се реализираа мали акции во заедницата од каде што доаѓаат. Исто така, тие имаат можност повеќе месеци со волонтерски договор да вршат практична настава во одредена институции.

Е.П.