Почина американскиот студент ослободен од затвор во Северна Кореја

Американскиот студент Ото Вармбер, кој пред една недела беше ослободен од затвор во Северна Кореја, почина во болница во градот Синсинати во сојузната држава Охајо, каде требаше да се опоравува по 15 месеци поминати во затворски услови.

Во соопштението на неговото семејство се вели дека 22-годишниот Вармбер, кој од Пјонгјанг бил донесен во состојба на кома од која не се освестил, не слушал и не реагирал на никаква комуникација.

Во изјава за „Вашингтон Пост“, дадена уште пред враќањето на синот од Северна Кореја, неговиот татко изјави дека Ото бил во кома од пред една година, која настанала како последица на ретката болест ботулизам, која предизвикува парализирање на телото.

Тој нагласи дека ваквото објаснување му дале севернокорејските власти кога го известиле дека неговиот син ќе биде ослободен и префрлен во САД врз хуманитарна основа.

Американските лекари, меѓутоа, тврдат дека не се најдени траги од ботулизам во телото, како и дека скенирањето на главата на младиот Американец покажало дека нема ниту знаци од физичко малтретирање.

Ото Вармбер престојувал како турист во Северна Кореја, како дел од една кинеска туристичка група. Во Пјонгјанг допатувал од Пекинг, но на 2 јануари 2016 година бил уапсен затоа што наводно украл пропаганден плакат од хотелот каде престојувал.

На судењето во Пјонгјанг, за тоа кривично дело беше осуден на 15 години затвор. Во текот на издржувањето на казната доживеал тешко оштетување на мозокот, па на 13 јуни годинава беше префрлен од Северна Кореја во САД.

Претседателот Доналд Трамп ја осуди „бруталноста на режимот на Северна Кореја“. Тој вели дека е длабоко потресен од смртта на студентот, бидејќи како што вели, не успеале да спречат трагедии каде невини луѓе паѓале во рацете на режими, кои пак не го почитуваат владеењето на правото или основното човечко достоинство.