Петти Вегефест – целодневна програма со предавања, концерти и веганска храна во изобилие

Петтиот по ред Вегефест, фестивалот кој ја означува борбата против експлоатацијата и дискриминацијата на секое животно, а со кој се промовираат здрави, еколошки прифатливи и морално исправни принципи и начин на живеење, ќе се одржи во недела (30 октомври) во Младинскиот културен центар, со почеток во 11 часот.

„Со Вегефест се обраќаме на совеста на сите, повикуваме на сочувствителност, хуманост и разум, повикуваме да му дадете шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана. Со овие мали чекори можеме да направиме големи и значајни промени за подобро на сите: животните, луѓето, екосистемот и планетата земја. Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе и даде шанса на веге исхраната“, велат од Анима Мунди.

Програмата може бесплатно да се проследи, а се состои од циклус предавања за користа од веганството од повеќе аспекти, спортски и забавен дел, штандови со достапна веганска храна и продукти уметничка изложба за права на животните, концерти на Мугер Фугер, Тина, Васко, Дени од Бернајс Пропаганда, Субстандард трио, Перија, Дј Милан Бибановски и Чадик, слеани со огнениот перформанс на акробатите од жонглерското студио Фаз Бабл.

Во рамки на фестивалот, предавања ќе одржат д-р Александар Митов, магистер по здравствена екологија и влијанија на животната средина врз здравјето; главен стручен консултант и иницијатор на кампањата на Владата на Република Македонија – „Здравјето е избор!; д-р Јадранка Бибан, специјалист по гинекологија и акушерство, експерт и едукатор за лекување на болестите со храна и со здрави животни навики, основач на „8-ка лајфстајл магазин; Елена Најческа, нутриционистка и долгогодишна фитнес инструкторка. Веганка, основачка на групата „Вежбаме и се храниме здраво“; м-р Влатко Таневски, нутриционист, основач на ВТ диет клуб.

Покрај нив, свои предавања ќе имаат и Си Фу Предраг, учител на шесто (највисоко) ниво во кунг фу кој е веган; Андриана Димовска, како најлесно да преминеме на растителна исхрана, потоа искуства од студент по ветерина Александра Николовска за животните и нивната благосостојба на македонските фарми и еден од најдобрите македонски модни дизајнери Никола Ефтимов со неговото предавање „Модна еволуција и револуција за правата на животните“.

Вегефест годинава нуди и Детско катче со танци, магионичари и едукативни работилници за деца.

Настанот е поддржан од програмата Civica Mobilitas и Младинскиот Културен Центар.