Охрид SOS: Кога ќе престанат лагите и уништувањето на природните богатства на охридско?!

Испровоцирани од последните случувања во Охрид и крајната негрижа за животната средина, здравјето и квалитетот на живот на граѓаните, решивме дека е време да поставиме некои важни прашања, стои во последната реакција на граѓанската иницијатива Охрид SOS, која заедно со презентираните фотографии ви ја пренесуваме интегрално:

„Во текот на изминативе две години локалните власти во Охрид и Владата на Р. Македонија наголемо најавуваа големи инфраструктурни проекти во Охридско и покрај предупредувањата од домашни и странски експерти дека реализација на тие проекти ќе значи дефинитивно уништување на значајни и уникатни екосистеми кои постојат на оваа планета повеќе од еден милион години.

Сакаме да потсетиме и дека Декларацијата за зачувување на светското културно и природно наследство на Охрид ја потпишаа повеќе од 200 експерти од сите страни на светот кои едногласно се сложија дека сите планирани проекти мора веднаш да запрат.

И покрај тоа, денес во конференција за печат реализацијата на овие инфраструктурни проекти повторно се најави од страна на кандидатот за пратеник од ВМРО- ДПМНЕ во ИЕ5, Д-р Сашо Василевски кој изјави дека:

„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена РЕАЛНО за 2016- 2020 година опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица.”

Истата програма информира дека средствата за патот Охрид- Пештани кој треба да го опслужува ски- центарот се обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Реално, не само што банката ги нема одобрено овие средства, туку посочува и на низа проблеми поврзани со влијанието врз животната средина.

На експертската конференција за Галичица која се одржа во ноември годинава, проф. д-р Томас Вилке од Јустус Либиг Универзитетот во Гисен кој го предводеше истражувањето на староста на Охридското Езеро истакна дека:

„Гледајќи дека езерото се движи накај точка од која нема враќање предлагам итна акција. Најпрвин, треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности кои влијаат на езерото или неговите сливови“.

И наспроти ова, кандидатот за пратеник од ВМРО- ДПМНЕ Василевски денес најави дека на охридската страна, на самиот брег кај локалитетот Градиште ќе има одморалиште со хотел од висока категорија и 200 соби, како и 300 апартмански единици, со вкупно 1. 600 легла.

Канал Студенчишко блато август 2016

Канал Студенчишко блато август 2016

Каналот Студенчишта кој во моментов служи како конекција помеѓу филтерот на езерото – Студенчишко Блато и Охридското Езеро, и како локација за гнездење на повеќе видови, деновиве се уништува и бетонира по налог на општина Охрид, каде се исекоа и повеќе од 20 дрвја.

Канал Студенчишко блато денес

Канал Студенчишко блато денес

Во септември годинава на социјалните мрежи осамнаа фотографии од големи згради изградени врз мозаиците на археолошкиот локалитет Плаошник, каде и денес продолжуваат градежните активности.

Плаошник во септември 2016

Плаошник во септември 2016

Додека пред само една недела градоначалникот на Охрид, г-динот Бакрачески во интервју за 24Вести изјави дека:

„За нас како локална самоуправа и како град Охрид е од суштествено значење зачувување на заштитено природно и културно наследство на УНЕСКО кое што Охрид го добиле во 1979, односно 1980 и ние вложуваме максимални напори за тој статус да биде задржан”.

УНЕСКО својот став во однос на развојните проекти, особено оние на Галичица го изнесе уште во јули годинава, во форма на заклучоци и препораки од своето годишно собрание. Во нив децидно стои дека проектите за Галичица се во конфликт со статусот на светско наследство и препорачува истите да не бидат одобрени. Доколку не сакаме Охрид да биде ставен на листата на загрозени УНЕСКО подрачја, локалната и централната власт се задолжени да ги ревидираат своите одлуки до февруари 2017.

Во меѓувреме, на почетокот на изминатата недела низ социјалните мрежи се рашири веста за сеча на повеќе здрави дрвја пред ЕВН по налог на општина Охрид. Сечата се направи само еден ден по одбележување на денот на дрвото.

Сеча на дрвја 1/12/2016

Сеча на дрвја 1/12/2016

Градоначалникот Бакрачески во повеќе наврати самиот изјави дека „Грижата за природата и заштитата на човековата околина се фундаменталните области на општественото живеење и претставуваат есенција на идентитетот и развојот на секоја заедница, град, регион или држава.

Па вака предизборно сакаме на локалните власти и на Владата на Р.М. да им поставиме едно многу клучно прашање: Дали планираат некогаш да престанат да лажат и дали некогаш ќе започнат вистински да се грижат за благосостојбата на своите граѓани?“, соопштуваат од Охрид SOS.