Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата во Украина, најмалку тројца загинати

Најмалку тројца демонстрани загинаа во судирите меѓу демонстрантите и полицијата кои денеска ескалираа во Киев. Околу 150 демонстранти се повредени, соопшти лекарската служба од редовите на опозицијата додека полицијата јавува за триесетина повредени полицајци, објави агенцијата АП.

Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата во Украина, најмалку тројца загинати

Пред украинскиот Парламент во Киев утринава дојде до судир меѓу полицијата и неколку илјади демонстранти, кои се обидоа да дојдат до зградата на Парламентот за да го засилат притисокот врз претседателот Виктор Јанукович, но беа попречени од полицијата која постави колона полициски камиони.

Околу 20.000, главно, мирни демонстранти утринава тргнаа во протестна прошетка од главниот киевски Плоштад на независноста кон зградата на Парламентот, барајќи гласање за реформите со кои на претседателот Јанукович ќе му се намалат клучните надлежности.

Демонстрантите врз полицајците фрлаа камења и камени плочки од плочникот, запалија три полициски камиони, а полицијата одговори со испукување гумени куршуми и чадни бомби, пренесоа светските агенции.

Ова се први вакви судири во Киев од крајот на јануари кога загинаа четири лица, а над 500 беа повредени. Американскиот амбасадор во Украина Џефри Пјат изрази жалење за обновувањето на насилствата.

„Политиката треба да се води во парламентот, а не на улица”, објави тој на Твитер.

Официјална Москва пак соопшти дека повторното избивање на насилството во Украина е резултат на политиките на Западот.

„Она што сега се случува е директен резултат на помирливата политика на западните политичари и европските структури кои од почетокот на кризата затвораат очи пред агресивното делување на радикалните сили во Украина, со што го охрабруваат ескалирањето на провокациите кон властите“, соопштија од руското министерство за надворешни работи.

Речиси три месеци воКиев втраат проевропските протести, почнати откако претседателот Јанукович во ноември се откажа од подготовката за потпишување на Спогодбата за придружување со Европската унија и се сврте кон Русија.