Нови протести во Турција против законот за контрола на интернетот

Демонстрантите против новиот закон за контрола на интернетот се судрија синоќа со полицијата во близина на плоштадот Таксим во Истанбул.

Нови протести во Турција против законот за контрола на интернетот

Антивладините демонстранти поставија барикади во близина на плоштадот и се судрија со полицијата, фрлајќи камења и запалливи материјали. Полицијата одговори со употреба на водени топови, солзавец и гумени куршуми.

Барикадите биле поставени на улица меѓу две болници. Медиумите јавуваат дека еден фоторепортер бил повреден, а голем број банкомати се искршени.

Опозициски групи вчера организираа протест на плоштадот Таксим поради законот за контрола на интернетот, но полицијата им го забрани пристапот до реонот. Илјадници демонстранти се собраа во близина на плоштадот и побараа оставка на премиерот Реџеп Тајип Ердоган.

Во четвртокот турскиот Парламент изгласа измени во законот за интернет, со кои власта може за неколку часа да блокира веб страници без судска наредба. За да стапи во сила овој закон треба да биде потпишан и од претседателот Абдула Ѓул.

Опозицијата смета дека со новите мерки Владата се обидува да ги спречи дискусиите за корупцискиот скандал кој ја зафати земјата.

ЕУ упати критики до Турција поради заострување на контролата врз интернетот и побара преразгледување на измените, а Анкара да се придржува кон европските стандарди.

Ердоган вчера изјави дека нема да има цензура на интернетот, нагласувајќи дека измените во законот ќе доведат интернетот да биде побезбеден и слободен, односно да се заштити приватноста на корисниците.