„ЈСП Скопје“ ја пушти во употребата новата алатка која на корисниците на јавниот превоз треба да им го олесни патувањето. Се работи за алатка, достапна на интернет страницата info.skopska.mk, преку која на граѓаните можат во реално време да добијат информации кога ќе пристигне автобусот на посакуваната постојка.
Податоците на веб-апликацијата „TransInfo“, која е прилагодена и за мобилен телефон, се проверуваат на секои 30 секунди.
Планерот содржи три дела според кои се нудат информации за корисниците на јавниот превоз:
„СТАНИЦИ“ – овозможува јасен преглед на сите почетни станици низ кои стартуваат одредени линии и преостанатото време на тргнување на возилата.
„ЛИНИИ“ – оваа алатка овозможува јасен преглед за одредена линија. Сликовито и текстуално ги наведува станиците низ кои поминува возилото на „ЈСП Скопје“, за одбраната линија.
„СОВЕТНИК“ – оваа алатка служи за определување на линијата и трасата на патувањето. Со внесување на почетната точка каде што се наоѓа патникот и крајната дестинација, може да се добие информација со која линија да се пристигне до посакуваната цел, дали треба да направи префрлање во друго возило, за колку време пристигнува возилото и за колку време ќе пристигне.
Во информациите на апликацијата се наведува дека времињата на пристигнување се калкулираат во реално време во однос на движењето на превозните средства по маршрутите. За часовите на пристигнување подалечни од еден час, системот прикажува час согласно транспортната шема на градот. Тоа време ќе се актуелизира во моментот кога превозното средство ќе започне со движење по сопствениот курс.
Се потенцира и дека апликацијата содржи веродостојни информации за транспортната шема на градот и дека доколку се менува маршрутата поради работи на пат или други околности, таа информација веднаш се одразува на сајтот.