Нов земјотрес ги разбуди скопјани

Серијата земјотреси во главниот град не престануваат. Во 01:32 часот, илјадници скопјани ги разбуди и вознемири нов земјотрес од 3 степени по Рихтеровата скала.

Според Европско-Медитеранскиот сеизмолошки центар, последниот земјотрес бил на длабочина од 5 километри, со епицентар на 6 километри североисточно од Скопје. Односно, на 6 километри западно од Арачиново и на 3 километри од селото Црешево.

Во овој реон беа регистрирани и другите досегашни потреси. Најсилниот се случи во неделата во 15:10 часот со магнитуда од 5.3 степени.

Инаку, на бесплатната телефонска линија 195 по последните два денови се регистрирани над 500 јавувања за пријава на штети на објекти во серијата земјотреси. Пријавите во најголем дел се однесуваат на разурнати фасади, оштетени кровови, скршени прозорци, паднати плафони, оштетени возила…

Надлежните институции посочуваат и на Упатството за самозаштита на граѓаните од земјотреси што може да се преземе на следниот линк.

Потресите предизвикаа вознемиреност кај населението, а лекарска помош по земјотресите досега побарале повеќе од 100 лица.