Втор марш на студентите идната седмица

Нов студентски марш што ќе се случи наредната недела е одлуката на денешната петта средба на студентите во просториите на Правниот факултет во Скопје. После долгата дискусија, студентите се одлучија на овој чекор бидејќи според нив, не треба да се остави временски простор што ќе асоцира дека Студентскиот пленум затајува во своите барања. Тие се одлучни дека се против каков било нов модел на тестирање, било да се нарече екстерен или државен испит.

„Јас сум ’за’ да ја покажеме автентичната студентска волја и да нè слушнат институциите, онака како што тоа не го правеа досега“, рече еден од студентите за време на дискусијата.

Студентите сметаат дека освен проблемот со тестирањето, треба да се актуелизираат и останатите студентски проблеми.

„Првичниот марш беше еден вид тест за тоа како студентите можат да делуваат. Но, почнати се притисоците бидејќи одредени роднини на студентите работат во администрација. Поради тоа чувствувам страв“, рече студентка додека се одвиваше диксусијата.

За време на петтата средба на пленумот во Скопје, се одвиваше и пленум во Прилеп. Претходно, се одржаа три студентски пленуми во Битола како и студентски марш во Штип. Студентскиот пленум досега организираше неколку интерни пленуми на одделни факултети на кои се изгласало дека студентите сакаат студентски марш.