Нивото на Охридското Езеро е под дозволената кота, еколози предупредуваат на штетни последици

Нивото на Охридското Езеро е -11 сантиметри под дозволента кота која изнесува 693,10. Дозволениот максимален минимум е 693,07 или -7 сантиметри од најниската кота што значи дека сега дури за 4 сантиметри нивото е пониско од минимумот. Ова се податоците од УХМР, од каде екипа на хидролози вчера беа на лице место да го мерат нивото на езерото.

Еколозите предупредуваат на штетните последици од нискиот водостој на Охридското Езеро.

„При нормален водостој поголемиот дел од овие карпи се под вода. За жал ова сега е крајно алармантно, хидроцентралите драстично ја намалија количината вода и никој надлежен не се одважува да го спречи ова што на од Бога создаденава убавина му го чинат. В долж крајбрежјето се забележуваат и траги од нафта, колку само заборавивме луѓе да бидеме та ништееме ли ништееме аздисани од материјалната заслепа и алчност. Ако продолжиме со ова темпо, плод на несвесноста и несовесноста наша, колапсот е неизбежен“, вели Климент Арнаудов од Охрид SOS.

Директорката на Хидробиолошки завод Охрид Елизабета Велјаноска Сарафилоска, вчера во изјава за ТВ 24 Вести побара веднаш да се разбере сериозноста на состојбата, бидејки во спротивно штетите врз уникатниот природен екосистем во езерото би биле ненадоместливи.

„Бараме од ЕЛЕМ итно да ја сфати нашата загриженост и реакција за Охридското езеро како уникатен природен екосистем.Во овој случај обрнуваме внимание дека водата која се испушта од езерото за потребите на хидроценталите е од прва категорија, со висок квалитет.Неопходно е ЕЛЕМ да го намали испустот на вода од езерото преку Црн Дрим со што нивото на езерската вода не би паднало по природниот минимум.Во спротивно се закануваат штети по опстанокот на ендимичните видови растителни и животински видови“.

Од ХЕЦ Црн Дрим, пак, тврдат дека мамаленото ниво на езерото се должи на рекордно намалениот доток на вода во декември и во јануари, кога бил измерен просецен доток на вода од 7 метри кубни во секунда. До вчера преку испустот кај Црн Дрим се пуштале околу 7 кубни метри во секунда, колку што изнесува просечниот месечен доток во Охридско езеро, а од денес ќе се испушта од 3ипол до 4 метри кубни во секунда.