Неуспешна средба меѓу средношколците и МОН, бојкотот и кампувањето продолжуваат

Средбата на претставници од Средношколскиот пленум и министерот за образование Абдилаќим Адеми и заменик министерот Спиро Ристовски заврши без договор за прекин на протестот. Средношколците најавија продолжување на бојкотот на наставата и кампувањето пред МОН.

На денешната, прва средба на Пленумот и ресорното министерство, која се случи само еден час по поставувањето на кампот пред МОН,  средношколците успеаја да ги презентираат своите барања пред надлежните за враќање на стариот концепт за полагање државна матура и укинување на екстерното.

„Ние баравме средба за да го ставиме бојкотот во мирување, се зависеше од тоа. На средбата ништо не се постигна, така што бојкотот и кампувањето продолжуваат. “ – изјави Исмет Шабановиќ.

Додека во една просторија траеше средбата на средношколците и заменик министерот Ристовски, министерот Адеми и вицепремиерот Владимир Пешевски ја започнаа прес конференција на која ги повикаа учениците да се вратат на настава.

„Имавме средба на која ги сослушавме нивните барања, кои ќе бидат разгледани, но мора да истакнеме дека сите овие подготвителни активности, односно реформи кои ги воведуваме се со цел да обезбедиме поквалитетно образование. Никогаш и не сакаме да помислиме дека оваа реформа ќе биде на штета на учениците и целиот образовен систем во Ребулика Македонија. Би сакал да ги повикам учениците да се вратат на настава бидејќи нивното место е во училишните клупи,“изјави Адеми.

Според вицепремиерот Пешевски, Средношколскиот пленум не е легитимен, а оваа средба како што изјави, била направена поради безбедноста на децата и за тие да се вратат на училиште.

„ МОН има доволен капацитет да ги процени последиците од своите постапки, владата ги анализира внимателно и во соодветен момент доколку има потреба од измени ние ќе ја информираме јавноста, но тоа нема да се случи денес,“ изјави Пешевски.

Од Студентски пленум посочија дека им било најавено дека ќе останат во контакт со надлежните и дека преговорите ќе продолжат. Тие веќе четврта недела ја бојкотираат наставата, а утрово поставија и шатори во „Паркот на новинари“, наспроти зградата каде е сместено МОН. Овде, велат од Пленумот, остануваат се дури не бидат серозно сфатени нивните барања и не се постигне договор со Министерството. Подршка имаат од своите родители и професори.

„ Мислам дека ние требаше да почнеме да ја водиме оваа битка, требаше да реагираме со дописи до Министерството кога ги согледувавме протестите. Сега сум тука да видам како ќе се одвива протестот, дали ќе биде дозволено да има и малолетници. Значи тука сум и за да подржам, но и за да видам дали конкретно со нешто можеме да помогнеме, да поразговарам со полицијата и дали ние како граѓани и како родители на овие деца, можеме да придонесеме за нивната безбедност“, изјави за Радио МОФ, еден од родителите присутни утрово за време на поставувањето на кампот.

Од Средношколскиот пленум побараа поддршка од своите соученици, но и помош со донации од сите граѓани во текот на кампувањето.

Ирена Чаушки