Наставниците од „Георги Димитров“ напишаа отворено писмо до директорот

Наставниците од скопската гимназија „Георги Димитров“ напишаа отворено писмо кое го упатија до директорот на училиштето, Државниот просветен инспекторат и до Министерството за образование и наука. Во писмото, кое го објави Наставничкиот пленум, тие се жалат дека трпат притисоци поради бојкотот на наставата кој го спроведуваат учениците, а добиле и наредби и закани дека ќе бидат казнето доколку не ги спречат учениците да ја бојкотираат наставата.

Еве го отвореното писмо, во целост:

„Учениците веќе трета недела ја бојкотираат наставата. Овој пат нема да навлегуваме во нивните права и барања. Сакаме за момент да го свртиме вниманието на случувањата во наставничките канцеларии. Имено, вчера (20. 04. 2015.) наставниците од СУГС „Георги Димитров“ го добија следново задолжение (слика) според кое треба да преземаат мерки со цел отстранување на последици настанати со прекин на наставата поради бојкотот на учениците и за преземените мерки да го ИЗВЕСТИ Државниот просветен инспекторат со ПОДНЕСОК заверен во архива во рок од три дена. Задолжението се повикува на записник ИП 1 08-848 од 9. 4. 2015. којшто директорот го прочита на Наставнички совет одржан денес (21. 04. 2015.).

Наставниците од „Георги Димитров“ напишаа отворено писмо до директорот

На наше барање записникот да ни биде доставен на увид првично добивме потврден одговор, за подоцна да добиеме одговор дека истото ни е прочитано и нема зошто да ни се даде на увид. Од тоа што беше прочитано, можеше да се заклучи само дека Државниот просветен инспекторат упатува наредба до наставниците. Како што се гледа на сликата, на задолжението нема правна поука, за што добивме одговор дека правна поука ќе има кога ќе бидеме казнети доколку не постапиме како што е наведено. На прашање дали ќе бидеме казнети доколку не доставиме бараниот Поднесок , Директорот на гимназијата одговори дека НЕ ЗНАЕ и да правиме што сакаме!!! Задолжението е истакнато на огласна табла и не е доставено поединечно до наставниците. Од самото задолжение останува нејасно што всушност ние, наставниците, треба да направиме, за какви последици станува збор и што ние можеме да преземеме како поединци за отстранување на истите. Освен што бараме правна поука, сакаме ДА ЈА ИЗВЕСТИМЕ ЈАВНОСТА дека ние како наставници трпиме своевиден вид на тортура на нашите работни места, почнувајќи од наредби да излеземе и да ги собереме учениците од дворот, да покажеме авторитет, па сѐ до изнудување Изјави од ваков тип и закани со недефинирани казни. Сите ние сме на нашите работни места и ниту еден ученик кој дошол на час не е вратен. Со тоа нашите работни обврски се исполнети. Затоа, ние наставниците, го прашуваме Директорот какви активности презел ТОЈ , за да создаде услови и атмосфера за одржување на настава и како ТОЈ го покажал својот авторитет ? Го прашуваме Државниот просветен инспекторат, врз основа на кој закон и на кои членови тој им НАРЕДУВА на наставниците? Го прашуваме МОН, советниците на Министерот, Министерот и неговиот заменик , што направија ТИЕ за да создадат услови и атмосфера за одржување настава и за отстранување на последиците наведени во задолжението? Бојкотот на ичениците не е проблем на еден наставник, не е проблем ниту на едно училиште, туку е проблем на ниво на државата. Единствена институција која е повикана и може да го реши проблемот со кој сите ние сме соочени е токму МОН, , а тие и понатаму молчат и ги игнорираат средношколците!

Група на наставници од СУГС „Георги Димитров“ Скопје“.