На професорите им е преку глава од лоши реформи во образованието

Студентите што се против предлогот на Министерството за образование и наука за воведување на државен испит во високото образование велат дека нема да престанат да се спротивставуваат, се додека не биде целосно повлечен.Професорите пак велат дека им е преку глава од ваквите реформи во образованието. Ова се неколку од заклучоците од денешната трибина на тема „Честите измени на законот – причина за лошиот квалитет на високото образование“, што се одржа на Филозофскиот факултет, а беше организирана од „Студентски пленум“.

IMG_4935

„Треба да ни се случи лекција по демократија како што беше со маршот. Треба да нè засрами бидејќи како професори требаше први да го покренеме“, рече професорката од Филозофски факултет, Билјана Ванковска во своето излагање.

Таа посочи дека недостасува комуникација меѓу професорите со останатите факултети.

Филозофскиот факултет се уште е без став за тоа дали ќе се прифати предлогот. Тоа според Ванковска е поради големиот број институти што се дел од овој факултет.

Професорот од Драмски факултет Небојша Вилиќ пак, соопшти дека овој факултет го одби предлогот или каква било дебата, а нема ни да му одговори на ректорот.

„Ако протестите од 68-ма година, донесоа децентрализација, веќе 50 години подоцна се јавува повторно потреба за децентрализација. Активизмот е нужен бидејќи сите други опции се исцрпени. Од реформите ни е преку глава“, рече Вилиќ.

Професорите сметаат дека правната служба не знае по која основна рамка да функционира поради честите измени во законот за високо образование.

IMG_4934

Професорката Маја Бојаџиевска од Филолошки факултет се исправи пред студентите бидејќи како што вели сака да им покаже почит.

Таа се повика на Лисабонската декларација во делот на слободата на универзитетите. Универзитетите се автономни, морално и интелектуално независни од властите и останатите центри на моќ. Слободата на истражување и на едукација се фундаментални барања. Но, ова според неа е само убава приказна.

„Овој предлог е спротивно од сè она во Лисабонската декларација. Автономијата не само што е нарушена, таа е целосна елиминирана“, посочи Бојаџиевска.

Љубомир Цуцуловски, професор во пензија, смета дека студентите имаат право да ги чуваат нивните интереси. Тој рече дека прашањето не е какво, туку дали воопшто е потребен државен испит.

„Воведувањето на државен испит е искажување на недоверба кон професорите и студентите. А кој ќе ги контролира нив? Нас треба да не стават сите на детектор на лаги“, рече Цуцуловски.

Според него државниот испит е бесмислен, а секој има право да се спротивстави.

„Велат иднината се младите, тогаш да им ја оставиме во нивните раце. Земете ја судбината во своите раце“,посочи тој.

Од Природно-математичкиот факултет, професорката Дана Прелиќ соопшти дека одбиле секаква дискусија.

„Постои релација студент-професор и е единствена. Ако студентот не е задоволен од резултатот на испит, тој може да преполага. И тука завршува приказната“.

ПМФ сè уште немаат конкретен став за предлогот и најавуваат до следниот вторник дека ќе излезат со одлука. Сепак, од шест институти, три веќе го одбиле.

Присутните им дадоа аплауз на министерот за образование, Абдилаќим Адеми и премиерот, Никола Груевски, кои иако беа поканети, тие не се појавија.

Пред да започне трибината, свое излагање имаше и студентот Константин Битраков кој го наведе член 44 од Уставот според кој се гарантира автономијата на универзитетот и кој според него се крши ако се воведе државниот испит.

Тој наведе дека автономијата може да се сфати позитивно и негативно. Позитивно е тоа што универзитетите имаат слобода да решаваат за академските прашања, кадрите и слични операции на универзитетот да ги спроведуваат независно. Но, негативната страна е тоа што државата или другите влијателни тела не може да се вмешаат.Она што е спорно според Битраков, е тоа што овде се вклучени и студиите од втор и трет циклус.

Од 15 октомври постои Студентски пленум како автентична студентска иницијатива против воведување на државниот испит на факултетите. Пленумот за првпат се собра пред платото на универзитето „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оттогаш, организираше пет пленуми, неколку герила акции и два марша.

Е.П.