На маргините на Самитот во Трст – критики за РИКО во Македонија и низа препораки

„Во Европскиот младински форум сме загрижени за процесот на избор на младински претставник за РИКО од Македонија, а кога работите не одат според етичките стандарди за кои заедно сме се согласиле, сите сме одговорни да реагираме“, изјави Луис Алварадо Мартинез, Претседател на Европскиот младински форум, во неговото излагање во рамки на Самитот на ЕУ – Западен Балкан кој моментално се случува во Трст.

На маргините на четвртиот Самит на Западен Балкан во Трст се одржа Младинскиот форум „Connecting Youth – Moving Forward” кој на едно место собра 60 млади кои дискутираа за заедничките предизвици и бараа решенија за младинските проблеми.

Една од темите на дискусија беше и формирањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка- РИКО кога Алварадо Мартинез побара реакција за случувањата во земјава. Истовремено тој предупреди дека Европскиот младински форум, внимателно ја следи состојбата во Македонија при што му даде поддршка на Националниот младински совет на Македонија и побара новоизбраната влада да го признае и поддржи.

Учесниците во младинската конференција говореа на 4 различни панели, поделени според приоритетните теми: Мобилност (Размени), Инклузија (Надминување на стереотипите), Претприемништво и Младинско учество.

Меѓу учесниците на овој дел од Форумот беше и најмладата пратеничка во македонското Собрание Ивана Туфекџиќ која посочи дека ова беше одличен настан за Македонија што треба да придонесе кон развивање на соработка меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

„ Младинските политики се високо на агендата на ЕУ и во тој процес се суштински вклучени земјите од Западен Балкан. Изработени беа препораки од страна на учесниците од младинските организации(ова беше случај и на неколку други форуми во рамки на Берлинскиот Процес) и истите беа презентирани пред лидерите. Останува приоритет истите препораки конечно да се имплементираат. Важно е како на национално така и на европско ниво да се крене нивото на партиципација и комуникација меѓу младите и институциите околу креирање на младински политики“, сумираше Туфекџиќ..

Комесарот Јоханес Хан од говорницата пак истакна дека е неопходно развивање на добрососедските политики и компромис, а најави дека Европската комисија овојпат сериозно ќе биде посветена кон исполнување на препораките од форумот.

Трети форум на граѓанско општество

Граѓанските организации од Македонија и регионот беа дел и од третиот форум на граѓанско општество, кој се одржуваше во рамки на политичкиот самит за Западен Балкан  во Трст.

Една од најважните области за кои граѓанските организации дадоа конкретни препораки до политичарите од регионот беше млади и образование, вели Дона Костуранова, извршната директорка на Младинскиот образовен форум беше учесник на Форумот во Трст.

Приоритетите на носителите на одлуки се бара да бидат: квалитет на образованието и учество во меѓународните тестирања, непречена мобилност, регионална соработка на млади, истражувања во регионот.

Барањата на граѓанските организации до владите на Западен Балкан и ЕУ се зголемување на мобилноста на младите во регионот на западен Балкан и ЕУ преку укинување на визите и признавање на дипломите. Се бара земјите од Западен Балкан  да учествуваат во меѓународните тестирања PISA и TIMSS,  да поттикнат стручно образование и да го направат образованието транспарентно и ориентирано кон цели. Исто така здруженијата потсетија на портебата од развој на мрежи на младински истражувачки институции и истражување на економски, социјални, културни и миграциски младински прашања. Побарана беше и поддршка на РИКО за размени, интекултурализам и вклучување на младите од загрозени групи.

„Со форумите на граѓанско општество  како и форумот на млади организирани при самитот,  јасно е дека улогата на граѓанското општество е неодминлива за унапредување на демократијата и квалитетот на живот во земјите од Западен Балкан како и нивното пристапување кој ЕУ. Затоа е важно и владите од регионот да бидат отворени и дадат простор за учество во процесите.

Минатата година во Македонија ја означија нелегалните и коруптивни постапки за избор на младински претставик за РИКО, процесот за креирање совет за соработка со невладините кој беше оспорен од нив, но и екстремен анти-демокрартски прогон врз граѓански организации и мора многу да се работи за да се направат промени кон вистинско учество на граѓанското општество.

Од тие причини Македонија доби и посебно внимание во дискусијата Демократија – сега и никогаш каде беше забележана како лекција за регионот“, вели Костуранова.

ЕУ и Западен Балкан во Трст договорија проекти за 500 милиони евра

Европските лидери на самитот во Трст, посветен за земјите од Западен Балкан го донесоа акцискиот план за продлабочување на соработката и развој на перспективата на балканските замји за влез во Унијата.

Повеќе од 500 милиони евра ќе бидат инвестирани во инфраструктурата и формирањето на регионална економска зона.

Сепак добивањето на средствата за проектите ќе зависи од способноста на државите да претстават добри проекти.

//