МОН: Ќе се активираат родовите студии, а факултетите при УКИМ годинава ќе немаат дисперзирани студии

Министерството за образование и наука информира дека вчера Владата на Република Македонија донела одлука да се активираат Родовите студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, кои 5 години беа ставени во мирување, како и студиите за Безбедност и евроинтеграциите на Факултетот за безбедност при УКЛО, кои исто така беа во мирување.

Оваа година, соопштуваат од МОН, факултетите при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии.

„Такво беше барањето на Универзитетот кое се поклопи со ставот на Владата и нашите согледувања за квалитетот и потребата од одредени дисперзирани студии“, велат од МОН.

Дополнително, одредени дисперзирани студии на другите Универзитети ќе бидат редуцирани.

Од МОН информираат дека од оваа година за првпат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината.

На вчерашната седница, Владата го усвои Конкурсот за упис на студенти на државните универзитети. Оваа година има обезбедени 26105 места за упис на студенти на државните универзитети и тоа 13953 места за редовни студенти во државна квота, 8367 места за редовни студенти со кофинансирање и 3785 места за вонредни студенти.

„При утврдување на бројките за упис на студенти се водеше сметка за потребите на пазарот на трудот во Република Македонија, дефицитарноста на струките и расположливите можности за вработување, бројот на студенти за кои се акредитирани факултетите, како и за показателите за интересот на средношколците за упис на одредени факултети изминативе години“, велат од МОН.

//