МОФ: Наместо препреки, средношколците треба да добијат отворени врати

Младински образовен форум соопшти дека ги набљудува настаните во средното образование и изразува загриженост за притисоците на кои средношколците се изложени и обидите да се делегитимира нивниот ангажман преку Унијата на средношколци.

„По години молк во јавноста, Унијата на средношколци се појавува тврдејќи дека е легитимен претставник на средношколците, кој има дозвола и пристап до институциите да ги застапува нивните права и да преговара. Имајќи ги предвид анализите, истражувањата и заложбите на МОФ за средношколско организирање и учество низ годините, неопходно е да споделиме неколку наоди и факти за Унијата на средношколци, која во најмала рака е пасивизирано тело кое одамна има изгубено улога на претставник на средношколците.

Според истражувањето „Средношколско организирање и учество“ (2013) од 45 училишта прашани дали имаат претставници во национално организирање, само едно одговори дека има свој преставник во национално средношколско организирање. Според анализата и одговорите на училиштата во тоа истражување, последните активности на Унијата на средношколците и Средношколската унија се забележани во 2008 и 2009. Друго истражување на МОФ и Реактор (2010), со вклучени 3607 средношколци, покажа дека 70% од средношколците не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Ако ова била состојбата во последниве години, оттогаш немало никаква значајна јавна видливост на унијата за било какво прашање во врска со средношколските права и проблеми до пред неколку дена.

Па оттаму заклучокот дека во Македонија не постои формално средношколско организирање на национално ниво, кој се потврдува со тоа што до пред само неколку месеци статусот на Унијата на средношколци во Централниот регистар беше неактивен“, се вели во соопштението на МОФ.

МОФ: Наместо препреки, средношколците треба да добијат отворени врати

Според МОФ, вклученоста на Унијата на средношколци во преговори е пример за лоши механизми кои се користат да го намалат значењето на секое вистинско здружување инспирирано од неквалитетното образование и лошите избрзани реформи.

„Честитаме на Средношколскиот пленум што успеа да ги актуелизира своите прашања и дури да влијае на нови одлуки, но потсетуваме дека преговорите треба да се водат со изворно организираните средношколци. Улогата на организација како Унијата, чие јавно присуство е ограничено на неколку денови, за која средношколците не се запознаени и без активен статус, е занемарлива.

Имајќи ги во предвид Уставот, законите и ратификуваните меѓународни документи како Конвенцијата за правата на детето на ОН, МОФ застанува во одбрана на честа и угледот на сите средношколци кои се етикетирани, злоупотребени и обесправени од страна на образовните институции, медиуми и нелегитимните организации. Охрабрувачки е што гледаме дека напори за заштита на средношколците се вложуваат и од неколку други организации и институции, но потребно е значајно повеќе конструктивна ангажираност и од други засегнати страни. Во последниве денови, бојкотот на средношколците актуелизираше најави за казни за родителите на учениците. Апелираме да се бараат начини за изнаоѓање заеднички решенија низ дискусија, преговори и соработка, наместо ограничување на правото на дејствување.

Мораме да споменеме дека неколку медиуми во овој период објавуваа фотографии и информации за членови на нашата организација и нивната врска со Средношколскиот пленум. Затоа потенцираме дека нашата организација не стои зад Средношколскиот пленум и нема улога во организирање на неговите активности. Но како организација која цврсто се застапува за демократските права на младите, го поддржуваме автентичното самоорганизирање и барањата за овозможување на учество на средношколците во креирањето на образовните политики и подобрување на образованието според перцепциите на средношколецот.

Потсетуваме дека МОФ е невладина и непартиска организација. Нашите членови можат да ја користат слободата на здружување и да се вклучуваат во различни организации и движења, според своите интереси, и нивните слободи на здружување и учество не смеат да бидат предмет на објави кои целат да го обезвреднат младинскиот активизам.

Во овој период МОФ исто така изготви соопштение каде ги повика училиштата, професорите, родителити и институциите итно да се заложат во одбрана на учениците, а дополнително посочи механизми како средношколците може да се заштитат преку упатства за постапување во случај на ограничување на нивните слободи и права“, се вели во соопштението на Младински образовен форум.