Мемети: МОН да разговара со средношколците за образовните реформи

За квалитетни и издржани промени во која било сфера, а особено во сферата на образованието потребна е сеопфатна анализа на состојбите, пишува народниот правобранител, Иџет Мемети во дописот до министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми осврнувајќи се на состојбите во образованието и средношколските протести.

„Промените не треба да се донесуваат на брз начин, без консултирање на пошироката јавност, напротив, транспарентно, преку јавна дебата, вклучувајќи ги сите инволвирани страни меѓу кои и младите, со цел планирање на целосни и сеопфатни новини, взамено прифатливи, од кои ќе имаат придобивки сите подеднакво, учениците, наставниците и општеството во целина“, смета народниот правобранител.

Според Мемети, во ниту еден случај не смее да се заборави дека учениците се директно засегнати од реформите во воспитно-образованиот процес, кој влијае на нивниот развој и изградба на нивната личност.

„Од друга страна, воведувањето на реформи во образованието и начините на нивна реализација без консултирање, комуникација и дијалог со младите вклучени во образовниот процес, придонесува тие да се чувствуваат непотребни и неважни, иако овие промени се однесуваат на самите ученици и тие ги чувствуваат последиците,“ истакнува Мемети.

Народниот правобранител препорачува надлежното Министерство сериозно да им посвети внимание на забелешките и ставовите на средношколската младина, да ги почитува како субјекти, и во разговор со нив да ги слушне нивните размислувања по однос на реформите во образованието, затоа што само по пат на комуникација и дијалог може да се очекуваат конструктивни и издржани промени за поквалитетно образование.

Мемети исто така препорачува доследно почитување на принципот на најдобриот интерес на детето, правото на слободно мислење и слободно изразување за сите прашања кои се однесуваат на детето, како и правото на учество/партиципација и практикување на дијалог, со што нема да се остави простор за каква било манипулација на децата и младите.