Масовна глад прогласена во Јужен Судан

Во делови на Јужен Судан прогласена е масовна глад, откако агенциите на Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека војната и економскиот пад во кои се уништени земјоделските површини, довеле до гладување на 100 илјади луѓе.

Дополнителни 1 милион луѓе, според Светската програма за храна (СПХ), се сметаат на работ на масовна глад. Се апелира и дека итно е потребен неограничен пристап на хуманитарци за да се избегне „надоаѓачката катастрофа“, додаваат од СПХ.

Ова е прво прогласување на масовна глад по 2011 година во Сомалија, каде, според проценките, повеќе од 250 илјади луѓе умреле помеѓу октомври 2010 и април 2012 година.

ОН предупредуваат дека уште три други земји – Јемен, Сомалија и Нигерија – се во ризик од масовна глад.

Околу 4,9 милиони луѓе, повеќе од 40% од населението на Јужен Судан, имаат итна потреба од храна, земјоделска и нутрициска помош, според извештајот изготвен од владата, хуманитарните организации и СПХ, Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Фондот за деца на ОН, УНИЦЕФ.

„Гладот стана трагична реалност во делови на Јужен Судан и нашите најлоши стравувања се остварија. Многу семејства ги исцрпија сите ресурси кои ги имаа за да преживеат. Луѓето се претежно фармери и војната го наруши земјоделството. Ја изгубија стоката, дури и земјоделскиот алат. Со месеци се целосно зависни од било каква билка која можат да ја најдат и рибите кои можат да ги уловат“, вели Серж Тисо претставник на ФАО во Јужен Судан.

Тригодишната граѓанска војна ги уништи надежите дека Јужен Судан, државата богата со нафта, може да просперира, по добивањето на независност од Судан во 2011 година, на крајот на еден од најдолготрајните конфликти во Африка. Производството на храна претрпи катастрофа по растот на насилството минатата година и инфлацијата од 800% годишно, што ги остави граѓаните да се борат со огромниот раст на цените на основните прехрамбени производи.

СПХ планира да обезбеди храна и нутрициска помош за 4,1 милион луѓе за време на овогодишната „сезона на глад“, кога ќе се потроши целата храна помеѓу две жетви.

УНИЦЕФ, кои проценуваат дека повеќе од еден милион деца имаат акутна неухранетост низ Јужен Судан, планираат да пружат помош на 207 илјади деца оваа година.