Маршираа и средношколците во Струга и Куманово

На средношколски марш поради новиот концепт на полагање државна матура и екстерното тестирање денеска излегоа и средношколците од Струга и Куманово.

Средношколски протест Струга

Стотина средношколци се собраа на чаршискиот мост во Струга. Тие се движеа по кејот, низ Чаршијата па се до средните училишта „Нико Нестор“ и гимназијата „Др Ибрахим Темо“.

Протестниот марш беше уредно пријавен во полиција мина без инциденти имаше наднационален и надетнички предзнак и во него заедно маршираа ученици без оглед на етничката припадност.

Средношколски протест Струга

„Не сме задоволни од реформите кои се донесоа во образованието како што се новиот концепт на државната матура и екстерното. Искрено ако сакаме подобро образование најдобро е да има приемен испит. Јас очекувам дека нашите барања ќе бидам прифатени и разгледани од страна на надлежните, дека нема политички да не обојат и дека ќе не разберат која ни е целта“, вели за Радио МОФ ученичка од Струга која денеска излезе на маршот. Од Средношколски пленум Струга истакнаа дека го подржуваат маршот на училиштата во Скопје и дека сите средношколци се заедно со нив.

Дождот пак ја промени најавената рута на кумановските матуранти кои денеска требаше да се соберат пред канцелариите на Министерството за образование во Куманово. Како што јавува „Кумановоњуз“ , учениците тргнаа од пред Гимназијата “Гоце Делчев“ за да стигнат до Градскиот плоштад, каде откако почна да врне тие се разотидоа.

Фото: Кумановоњуз

Фото: Кумановоњуз

Тие уште еднаш повторија дека се незадоволни затоа што надлежните од Министерството за образование, не го прифаќаат нивното барање да се укине математиката како задолжителен предмет за полагање на екстерно тестирање и најавија нови протести за наредните денови.