Македонското образование паѓа на дното додека институциите си ја префрлаат вината

„Карпите во вселената кои влегуваат во Земјината атмосфера се наречени метеориди. (…) Колку повеќе се приближува метеоридот кон Земјата и нејзината атмосфера, неговата брзина се зголемува. Зошто?

А) Метеоридот е вовлечен во ротацијата на Земјата.

Б) Метеоридот е отфрлен од Сончевата светлост.

В) Метеоридот е привлечен од Земјината маса.

Г) Метеоридот е отфрлен од вселенскиот вакуум“.

Вака гласи едно од неколкуте прашања во областа на науката, кои се најдоа на последното тестирање на ПИСА (Меѓународната програма за проценка на ученичките достигнувања) и нив треба да ги одговори 15-годишен ученик. Останатите четири прашања се однесуваат на миграции на птици, истражување за долините, трчање по топло време и одржлив развој на риби – слични по тежина на оваа задача.

Последното ПИСА тестирање покажа поразителни резултати за македонските ученици, кои се рангираа меѓу последните земји. Зад нас се само Косово, Алжир и Доминиканската Република, додека најдобри резултати имаат учениците од Сингапур, Јапонија и Естонија. Но, оваа слика е присутна и на другите меѓународни тестирања во кои учествувала нашата земја, како ПИРЛС (за јазична писменост) и ТИМСС (за математика и природни науки), каде резултатите секогаш биле под светскиот просек.

Според толкувањето што го даваат авторите на ПИСА, оние кои имаат слаби постигнувања во наука не можат да го користат базичното или секојдневното научно знаење за да ги толкуваат податоците и да донесуваат валидни научни заклучоци. Во математиката не можат да ја пресметаат просечната цена на некој предмет во различна валута, или да ја споредат вкупната далечина меѓу две алтернативни рути. Во читањето, пак, не можат да ја препознаат главната идеја во еден текст.

Викторија Димитровска, координаторка на проектот „Со читање до лидерство“ на УСАИД, смета дека државите треба да се фокусираат на прилагодување на реформите во образовниот систем според современите случувања.

„Прашањето е колку наставните програми ги следат светските промени во науката и колку се прилагодени на новиот и изменет живот. Одговорот е веројатно – многу малку, бидејќи само во десетина земји од целиот свет е забележано подобрување на резултатите кај учениците во областа наука“, вели таа.

Димитровска додава дека последен пат ПИСА била фокусирана на науката во 2006 година, а оттогаш се случиле огромни промени.

Вера Митковска, од македонското претставништво на УНИЦЕФ, се согласува дека резултатите од ПИСА се многу ниски, но според неа, за да се откријат причините најпрво треба да се направaт длабински анализи преку кои ќе може да се разберат состојбите и ќе послужат како основа за градење на идните стратегии.

„Со оглед на тоа дека со ПИСА се мери примената на знаењето во животни ситуации, една од причините за ниските резултати може да се должи на малата застапеност на учење преку решавање проблеми, истражување, експерименти и практична примена на знаењето. Добро структурираните проблемски ситуации и нивната честа примена им помага на учениците да развијат концептуално разбирање за специфичните идеи и да ги поврзат со проблемите од секојдневниот живот“, смета Митковска, нагласувајќи дека учениците кои беа тестирани се генерацијата која учела по старите наставни програми.

Македонија по втор пат учествува во ПИСА, откако и во 2000 година постигнувањата на учениците беа меѓу најслабите. Но, најновите резултати од тестирањето за Митковска се показател дека подобрувањето на постигањата на учениците, на училиштата и на образовните системи е можно без оглед на нивната почетна позиција. Во последното тестирање беа вклучени 540.000 ученици од 72 земји.

Државата треба редовно да учествува на меѓународните тестирања?

За да може да се проценат ефектите на новите наставни програми, Митковска вели дека државата би требало да учествува во меѓународните тестирања, а сегашните резултати да се искористат како почетна состојба за понатамошна проценка. Но, таа посочува дека суштината на честите ревизии и тестирања се анализите на резултатите, со кои ќе се утврдат причините кои доведуваат до такви резултати.

„Наставата треба да биде практична со примена на експерименти, насочена кон развој на практичните вештини и критичкото размислување. Треба да се овозможи континуиран и квалитетен професионален развој на наставниот кадар. На ниво на училиште, раководниот кадар да ги поддржува наставниците за примена на стекнатите знаења и да им обезбеди потребни услови и материјали за изведување на квалитетна настава насочена кон задоволување на индивидуалните потреби на секој ученик“, препорачува таа.

Според неа, многу е важно, исто така, да се изработат материјали со практични примери за наставниците и да се обезбеди колегијална поддршка од искусни наставници.

„На училиштата треба да се гледа како на поединечни ентитети кои имаат различни потреби и проблеми со кои се соочуваат, и затоа е важно пристапот да биде индивидуализиран и насочен кон надминување на проблемите со кои што се соочува училиштето“, подвлече Митковска.

Во однос на ова прашање, Димитровска вели дека честите тестирања нема да го решат проблемот, туку поголемата посветеност на наставниците на училиште и на родителите во домот.

„Наставниците се толку исплашени да не бидат казнети, да одговорат на сите административни барања од образовните институции, што најмал дел од своето време го посветуваат на прилагодување на наставата на потребите на своите ученици“, смета таа.

Димитровска додава дека сите чинители во процесот на образование треба да се вклучат со цел да се подобрат не само резултатите на учениците на меѓународните тестирања, туку знаењето со кое излегуваат од училиште. Исто така, таа смета дека неопходна е ревизија на наставните програми заради нивната несоодветност по различни предмети, а како пример ја посочи Кембриџ програмата.

„Во почетните одделенија по математика е воведена новата програма според Кембриџ испитниот центар и учениците почнуваат да учат да решаваат текстуални задачи уште во прво одделение. Но, според наставната програма по мајчин јазик, буквите и читањето се учат во второ одделение. Тоа доведува до збунетост кај наставниците, несигурност кај учениците“, рече Димитровска.

За екстерното тестирање, пак, вели дека ги принудува наставниците да бараат од учениците да го научат наизуст она што тие ќе им го кажат или што ќе го прочитаат во учебниците. Па така, учениците учат за оценка, а не за знаење, што е поразително за еден образовен систем, забележува Димитровска.

Покрај ова, таа го нагласи фактот дека Македонија има една од најкратките учебни години од 180 дена, односно учениците се на настава од 4 до 5 часа дневно. Според нејзиното искуство, ова е значително помалку отколку во западните земји.

Надлежните си ја префрлаат топката

Официјален став за резултатите од ПИСА тестирањето сè уште нема, иако тие беа објавени на почетокот на декември. Радио МОФ се обиде да добие одговор од надлежните институции, но тие меѓусебно си ја префрлаа топката за тоа кој прв треба да даде анализа на резултатите.

Па така, од Државниот испитен центар не упатија до Бирото за развој, и обратно. Како национален менаџер на проектот е наведен Дејан Златковски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Но, тој за Радио МОФ рече дека се вклучил волонтерски по барања на Министерството за образование и дека бил задолжен само за преводот на прашањата и комуникацијата помеѓу ОЕЦД и институциите.

Чекор по чекор, со читање до лидерство

Во контекст на подобрување на писменоста кај македонските ученици, УСАИД во соработка со нивната Фондација „Чекор по чекор“ пред четири години го започнаа проектот „Со читање до лидерство“. Тој се фокусира на процена на јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија и врз основа на тие резултати се подготвуваат соодветни модули за обука на одделенските наставници.

„Пред почетокот на нашиот проект, последното национално истражување за јазичните и математичките вештини беше спроведено во 2001 година и оттогаш до 2013 немаше податоци кои би служеле како појдовна точка. Во рамките на други проекти исто така биле спроведувани истражувања на јазичните и математичките вештини, но на ограничен примерок ученици од одреден број училишта“, вели Димитровска.

При последната процена по барање на Министерството за образование и наука, била извршена проверка на репрезентативен примерок од 4000 ученици од сите основни училишта во државата. Резултатите покажале дека македонските ученици немаат проблем со читање на буквите и нивното поврзување во зборови, но имаат проблем кога треба течно и точно да прочитаат краток текст и особено да одговорат на прашањата за тоа колку разбрале од текстот. Димитровска вели дека македонските ученици имаат потешкотија да дадат свој заклучок или мислење.

„Проблемите со разбирање на прочитаното се отсликуваат и при решавањето на математичките задачи, посебно текстуалните, каде што децата имаат проблем да ја постават задачата. Исто така, имаат проблем и со собирањето и одземањето, особено ако станува збор за задачи со премин. Токму затоа, во нашите модули за обука ние се фокусиравме на овие подрачја и им понудивме на наставниците голем број практични начини и задачи со кои може заеднички со учениците да вежбаат читање и математика и тоа на еден интересен и иновативен начин, каде децата се ставаат во центарот на учењето“, вели координаторката на овој проект.

Таа потенцира дека учењето низ игра и поттикнувањето на креативноста мораат да бидат повеќе застапени во македонските училишта. Во таа насока, УСАИД неодамна започна и онлајн кампања преку Фејсбук со цел да допре до повеќе родители и наставници и да ги потсетат на важноста на читањето.

„Секој ден нашиот д-р Читко дели совети за здрави читачки навики, истовремено потсетувајќи ги родителите дека треба да бидат пример за своите деца, дека треба да земат книга в раце и самите да читаат, наместо постојано да бидат пред телевизиските екрани и Фејсбук“, објаснува Димитровска.

Е.П.