Крив е владиката, човекот до тебе или ти?

533037_10151536588354665_793498171_nДа се биде жена во Македонија – значи да мислиш дека си слободна, а всушност борбата за слобода ќе започне кога ќе разбереш дека си затворена во кафез со невидливи решетки.

За оваа колумна не ме поттикна изјавата на владиката Петар, но можам да кажам дека тоа што го слушнав од него, не ме допира толку, колку сознанието дека мнозинството од граѓаните во Македонија го делат неговото мислење и го сметаат за неприкосновено.  Велам граѓани, поради тоа што оваа борба против еманципација на жената не ја водат само мажите, напротив ја водат и самите жени. Токму поради тоа, ќе се осврнам повеќе на жената во мојата колумна, но ќе пробам да разјаснам неколку заблуди и да потенцирам неколку права.

Имам право да бидам феминистка.

Имаш страв од феминистки?! Не знам дали се работи за тренд или за неинформираност, но не можам да ги разберам тие што се плашат од етикетата феминистка и бегаат како од чума. Феминисти може да бидат сите граѓани кои веруваат во рамноправност и борба за женски права, а тука припаѓаат и мажите (засега ретки).

Во Македонија, борбата на секоја девојка ја гледам во тоа да ги подигне правата на жената до тоа ниво да се изедначат со човековите прави. Ако тоа е феминистичко, нека биде.

Но нема ни да помислам да бегам од мојата одговорност и нема да прифаќам негирање на потребата од оваа борба. Тоа не е поради тоа што ги мразам мажите, немам одамна секс, не сум убава или сум останата стара мома. Тоа е поради тоа што сум жена – каква и да сум.

Имам право да станам домаќинка.

Немам проблем со тоа жените да готват, да работат во домаќинството, да ги чуваат своите деца и да се грижат за семејството, сметам дека е тоа значајна, великодушна и хумана особина, но се додека тоа е нивен ИЗБОР.  Прашањето е колку е тоа личен избор, колку е наметнато од општеството, поконкретно ќе ги набројам мажот, таткото, мајката, свекрвата.  Колку од жените, грижата за семејсвото ја делат подеднакво со мажот?

Да замислиме дека живееме во свет каде што жената нема никаква етика и не подлежи на осудувања. Дали таа сепак би избрала да биде невработена домаќинка или пак како што е трендот во денешно време, домаќинка ама вработена, или само вработена но недомаќинка, со пониска плата од таа која би ја добила доколку би била маж?

Да се разбереме тука не се работи за борба во одбирање на кариера наместо семејство. Но се потенцира товарот кој мажот мора да го сноси: во еднаква распределба на обврските, во поддршка на поголем степен на образование за жените, во носење на сите одлуки заеднички, во искоренување на титулата која му е доделана како глава на семејството.

Заеднички да се залагаме секоја жена да биде еднакво платена како мажот на истата позиција, во борба за таа да биде повеќе од секретарка во кабинет, да биде министерка, премиерка, претседателка.

Имам право да викнам мајстор.
we can do it_jpg 2Веќе е редно време да сфатиме дека машките обврски се преценети и дека јас со 65 кила можам да кренам онолку колку што може маж со 65. Доколку не можам ќе си платам за таа услуга, ќе си викнам мајстор. Па затоа ајде да почнеме од  домашните обврски кои треба да бидат еднакви за сите во домот. Не мислам дека работата на мажот е непостоечка, но начинот на кој се стави монопол врз физичката сила ме прави да се запрашам – Дали навистина ми треба помош?!  Таа физичка сила некаде се појавува само во рамките на домакинството и им дава можност на мажите да одбијат било каква друга обврска со самото тоа што го преместиле шпоретот од едно место на друго,  некаде преминува во насилство, некаде во страв од насилство со цел да те обврзува на послушност и потчинетост.

Но тоа се враќа како бумеранг, па оттука мажите треба конечно да размислат каде со они во светот, дека не се владетели туку партнери. Дека тоа што го прават на жените утре некој друг ќе го прави на нивните ќерки и внуки.  Поради тоа што прогресот во еден дом, во едно семејство или општество е образование, комуникација, вештина и доверба, пред се партнерство и разбирање.

Нема жената да го уништи светот, напротив тоа ќе го направи мажот со своето патријархално, доминантно и насилно однесување.

Ќе платам за мојот ручек.

Поговорката „Не постои бесплатен ручек“ треба да им биде врежана во глава на сите девојки кога ќе се надеваат на тој скап ручек или скапа чанта. Поради тоа што, како и секогаш за сите работи во животот сметам дека сами сме си криви. Можеби системот е против нас, можеби не сме доволно силни но можеби и така ни одговара.

Дали отварање врати, носење куфери, плаќање пијачки и ручеци, купување поклони и бесплатно возење се неопходни за нас?

Дали може да се откажеме од тоа навидум удобно и заштитено место во кое се наоѓаме за да добиеме образование, право на избор, афирмација, финансиска независност и слобода?

Верувам во образование, во право на избор и во разум. Затоа сметам дека треба да почнам од себе, од женскиот род. Најголемиот проблем е дека сите стереотипи се потврдуваат со нашето однесување и дека тоа не треба да не навредува. Треба да се бориме исклучокот да стане правило, да ја исмејуваме патријархалноста и моќта на мажот таква како што е прикажана пред нас. Да ја величаме моќта на индивидуалноста и еднаквоста. Да почнеме од себе, од човекот до нас, а владиката да го оставиме сам да си пресуди.

Сандра Анастасовска