Костовски: Потребно е воведување на сексуално образование во училиштата

Костовски: Потребно е воведување на сексуално образование во училиштатаКај младите постои огромно непознавање во однос на сексуалните права и сексуалноста, вели програмскиот директор на Х.Е.Р.А, Драшко Костовски. Во интервју за Радио МОФ, Костовски говори за потребата од воведување на сексуално образование во основните училишта и пристапот на младите до информации за унапредување на нивните сексуални и репродуктивни права.

Х.Е.Р.А подолго време се залага за воведување на сексуалното образование како задолжителен предмет во основното образование. Која е потребата од сексуално образование за младите и наидувате ли на поддршка кај институциите за оваа иницијатива?

Се обидуваме да поставиме една рамноправна фер соработка со институциите, досега имавме некоја генерална, начелна поддршка, но како што минува времето, се чини дека одредени идеологии и политики кои се генерални и немаат баш многу врска со македонската реалност, почнуваат да стануваат пречка. И покрај сите документи кои ги развивме со министерството за образование, особено рамката за воведување на сеопфатно сексуално образование во Македонија, изработена и од експерти и од стручни институции, невладини организации, дојдовме во една точка во која сакаме да го унапредиме она што постои а тоа е предметот „Животни вештини“. Изработивме прирачник за сите наставници кои ги предаваат тој предмет, и во моментот чекаме да видиме како тој учебник ќе биде прифатен од институциите, пред се од Бирото за развој на образованието и како ќе направиме обуки. Ова беше ветување од овие две институции за оваа година и ќе видиме дали ќе останат доследни и ќе го остварат ветувањето. Сепак, ние сме многу далеку од целосното сексуално образование, кое пред се треба да почне на академско ниво и да добиеме кадри кои ќе можат да предаваат сексуално образование. Но идеологијата од која се води сегашната администрација, а не од фактите и реалноста, претставува голема пречка за унапредување на иницијативата за сексуално образование.

Колку младите и адолесцентите во земјава се свесни за нивните сексуални и репродуктивни права и дали имаат пристап до сеопфатни информации?

Состојбата не е добра. Освен дејствувањето на некои организации на граѓанскиот сектор, кои иницираат граѓански активизам кај младите луѓе, не можам да кажам дека во редовната програма во основните и средните училишта се залага овој граѓански активизам и запознавање на сексуалните и репродуктивни права. Она што го покажаа нашите истражувања во однос на сексуалното образование и познавањето на младите луѓе на сексуалните права, се фрапантни податоци и практично мислам дека тука треба да се направи дополнително истражување, во однос на правата, во однос на сексуалноста. Особено сум загрижен околу состојбата со која живеат младите од ЛГБТ популацијата и проблемите со кои тие се соочуваат, бидејќи никој не ги препознава. Постои насилство и потценувањето на нивните животи. Она што го добиваме од терен е дека, не само што младите немаат можност да се запознаат со вредности и вештини кои во животот ќе го истакнат почитувањето на другиот и на сите околу нас, туку напротив почнуваат да се стекнуваат со вредности и вештини кои се спротивставени на тоа.

Според извештајот на Х.Е.Р.А, минатата година се намалил бројот на невладини организации кои работат на агендата на човековите права, додека сите оние кои се борат за унапредување на сексуалните права, правата на жените и правата на ЛГБТ популацијата биле јавно жигосувани. Како се снаоѓате во една ваква ситуација, кога главен приоритет на конзервативните политики се многудетните семејства и растот на нацијата?

Евидентно е дека после некои изјави на високи претставници на власта – министер и премиер на Влада, во кој комплетно се брише суштина на нашата работа и потребата од постоење на родова еднаквост и посебни човекови права, претставуваат многу лош сигнал за атмосферата во која ние работиме. Сепак, нашиот став останува ист – со која било администрација, соработката ќе продолжи во оние сфери во кои што таа администрација ги признава сексуалните и репродуктивните права. Но во секој момент, кога правата на жените, правата на ЛГБТ заедницата, правата на маргинализираните, воопшто човековите права поврзани со сексуалноста ќе бидат загрозени, ХЕРА ќе биде во првите редови за да се спротивстави на тоа. Мислам дека е многу важно што неколку организации се се’ уште тука и истрајно ги застапуваат правата на маргинализираните заедници и на оние кои се најзагрозени и им треба најмногу помош.

Деновиве на социјалните мрежи беа актуелни инвентивните фотографии од активистите кои како дел од кампањата „Визија 2020“, испраќаат разни пораки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје. За што се работи?

Тоа е една кампања која ја покренува Меѓународната федерација за планирано родителство, чија членка сме ние од 2010-та година и е еден документ кој треба да се изнесе пред Обединетите нациии. Ние силно го поддржуваме овој документ затоа што не се работи само за политички документ, туку на прво место ги става оние структурални фактори кои треба да го унапредат сексуалното и репродуктивното здравје и правата на луѓето. Станува збор за родовата еднаквост и социјалната правда, како главни принципи за остварување на сите главни приоритети во однос на агендата на Обединетите Нациии. Се работи за еден доста реален документ, во кој и македонската реалност во однос на сексуалното и репродуктивното здравје може многу лесно да се најде, како пристапот до сексуално образование, признавањето на правата на ЛГБТ заедницата, пристапот на сите жени до сексуални и репродуктивни сервиси итн.

Целото интервју може да го слушнете во продолжение.

Intervju so Drasko Kostovski od H.E.R.A by Radio Mof on Mixcloud

Кристина Озимец