Конференцијата за друштвен активизам ENGAGE годинава со најатрактивни говорници

Младински образовен форум и Радио МОФ го најавуваат четвртото издание на конференцијата за друштвен активизам ENGAGE.

На 18 април (сабота) со почеток во 12 часот, во Mладинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје, домашни и странски активисти, новинари, креатори на онлајн иницијативи и ИТ-експерти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, образование, животна средина, проток на информации, како и за можностите за граѓанска мобилизација преку интернет.

Како ексклузивни говорници на четвртото издание на ENGAGE доаѓаат:

Peter Sunde, еден од основачите на сервисот The Pirate Bay (@Flattr,@IpredatorVPN, TPBdotORG,@HemlisMessenger, Финска/Норвешка).

Smári McCarthy, активист и поборник за директна демократија, транспарентност и приватност (Ирска/Исланд).

– Владан Јолер, активист и универзитетски професор од Србија, еден од основачите на непрофитната фондација Share

Стеван Дојчиновиќ, еден од најистакнатите истражувачки новинари во Србија

Томислав Кежаровски, новинар

Заедно со нив, како гости-говорници на годинашниот Engage ќе се појават и: Сашка Цветковска, Владо Апостолов и Мери Јордановска (МедиаПедиа.мк), Клементина Илиевски (Лице в Лице), Игор Стевковски – Стевац (илустратор-карикатурист, Фокус), Горјан Јовановски (Мој воздух), Павле Богоевски (граѓански активист), Огнен Јанески (новинар, граѓански активист) Костадин Мишев (ФИНКИ).

На големата сцена е најавена панел-дискусијата „Пленумизирано образование“, на која ќе учествуваат Ана Нешовска (Студентски пленум), Игор Мицевски (Професорски пленум), Исмет Шабановиќ (Средношколски пленум) и Жана Живадиновиќ (Наставнички пленум). На малата сцена, пак, на тема „Земја, Воздух, Вода, Активизам“ ќе дискутираат Ениса Бајрами (Еко герила – Тетово), Душко Груевски (За нас се работи – Битола) и Јованка Дојранлиева (Арсена –Гевгелија).

Со 16 говорници,  две панел-дискусии на две сцени и со 400 гости во публиката, обезбеден аудио и видео стриминг и ENGAGE GENERATOR за најпосветените учесници, ENGAGE 2015 ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобруваат општеството во кое живееме.

Четвртото издание на ENGAGE повторно нуди можност за создавање и спроведување сопствена акција преку ENGAGE GENERATOR кој ќе се одржи на 19 април и нуди работилници со дел од говорниците на конференцијата за осмислување и организирање акции на три теми: интернет активизам, дигитална мобилизација и граѓанско новинарство.

Регистрацијата е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 250 пријавени учесници за конференцијата, односно 5о-те кои први ќе се пријават за ENGAGE-генераторот.

Конференцијата ЕNGAGE е поддржана од National Endowment for Democracy, Фондација Отворено општество Македонија и Проект на УСАИД за граѓанско општество, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.

Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на engage.radiomof.mk.