[Колумна] Несигурна иднина во Турција по обидот за државен удар

Невозможно е да се предвиди што ќе се случува во Турција во наредниот период. Многумина се убедени дека пучот само му овозможи на Ердоган да ја зацврсти својата власт. Од друга страна пак постои ставот дека државниот удар влијаеше негативно и го намали легитимитетот на претседателот во очите на населението и на големите светски сили, пишува во колумна за Радио МОФ студент од Македонија во Турција.

За многумина пучот на 15 јули наместо израз на незадоволство и обид за враќање на демократијата (како што беше наведено во соопштение на турските воени сили) беше само еден  аматерски обид  за државен удар, со премногу грешки при изведувањето уште во првите часови.  За краток временски период Ердоган ги повика свите поддржувачи кои ги преплавија улиците на Истанбул, Анкара, а и другите градови каде што немаше ни знак од пуч. На поддршка излегоа и турски иселеници пред многу амбасади ширум светот. Многумина беа вџашени од мерките кои беа употребени како СМС пораки на телефоните повикувајќи ги приврзаниците да застанат пред тенковите или пак читање на езан (повик) од џамиите во 1 часот по полноќ. Додека на поддржувачите на пучистите им беше кажано да останат дома, на поддржувачите на политиката на Ердоган им беше речено да излезат и да се борат да ја спасат својата демократија. За неполни 7 часа, пучот беше комплетно задушен, а во првите 24 часа 2700 судии и јавни обвинители меѓу кои и членови на Уставниот Суд, највисокиот судски орган беа тргнати од своите позиции и обвинети за соработување со пучистите. Дополнително, преку 3000 членови на војската од кои 17% со висок ранг ја чекаат својата пресуда.

Низ историјата, турската војска отсекогаш играла клучна одлука и претставувала потпора на модерната турска република од 1923, а интервенцијата на војската во политичкиот живот се забележува како честа мерка. Од почетоците на Турција како модерна република, забележани се неколку пуча (1960, 1971, 1980-83) кои како изразито крвави влијаат на променување на текот на тогашната демократски избрана власт. По пучот во 1983, 1997 и 2007 повторно е забележана воена интервенција во политичкиот живот во Турција, а со последниот обид за пуч на 15ти јули 2016, само се продолжува долгата историја на нестабилна политичка ситуација во Турција. Парадоксот во политичката ситуација не е нешто ново, така што честопати турските воени сили (или нивни фракции) ги оправдувале своите крвави интервенции на сметка на обновување на демократијата и завземање на власта од демократски избраната партија, а последниот пуч не беше исклучок од оваа традиција.

Несомнено, Турција поради својата географска положба отсекогаш била дом на различни ентитети и народи кои имале свои политички агенди. Настрана од неодамнешниот пуч, подолг временски период Турција се наоѓа во вонредна состојба предизвикана од поголем број бомбашки напади. Освен најмасовните три во Анкара (октомври, февруари и март со вкупно преку 170 мртви) и четири во Истанбул (јануари, март, два во јуни со преку 70 мртви) за кои и јавноста најмногу беше информирана, напади се случија и во Бурса, Дијабакир, Дурумлу, Газиантеп. Истовремено по колапсот на мировните договори со ПКК,  долгогодишната ситуација со курдското население на југоистокот во Турција дополнително се влоши. Напоредно, Турција претрпе и заладување на дипломатските односи со нејзиниот најголем извезувач на гас, Русија, по срушувањето на руско летало на турска територија во ноември 2015.

Згора на тоа Турција е дом на околу 2.7 милиони имигранти од Сирија , Авганистан, Пакистан кои претставуваат дополнителен товар на и онака кревката политичка ситуација.  Целиот овој внатрешно политички хаос предизвикува чувство на несигурност, страв, безнадежност кај голем дел од населението. Противниците на Ердоган и либералната младина безнадежно говорат како ова е крајот на демократска и секуларна Турција создадена од Кемал Ататурк. Наспроти нив приврзаниците на лидерската партија ја одобруваат политичката агенда и веруваат во демократското владеење на Ердоган. Двата табора сочинуваат масивен, ако не и еднаков дел од турската популација што дополнително влијае на внатрешно делење на земјата. Приврзаниците на исламот со антизападен дух наспроти проевропејските поддржувачи на секуларизмот се во секојдневен судир дури и на индивидуално ниво.

За време на владеењето на Партијата на Правдата и Развојот (Adalet ve Kalkınma Partisi), различните преземени реформи ја сменија насоката која беше поставена од Ататурк и ја окарактеризираа моменталната политика на Турција како происламска. Мерките како зголемување на даноците за алкохол, френзичното градење џамии дури и враќање на службата во Аја Софија, затварање на секуларни средни училишта, како и гонење на голем број на новинари дополнително ја кренаа тензијата и го свртеа народот против себе. Голем број од студентите, гневни на случувањата, на смртта на своите соученици, своите родители, спасот го бараат во западноевропските земји, комплетно безнадежни за иднината на Турција. Пучот што следеше во низата настани само дополнително ја разниша политичката сцена и влеа страв кај населението.

Невозможно е да се предвиди што ќе се случува во Турција во наредниот период. Многумина се убедени дека пучот само му овозможи на Ердоган да ја зацврсти својата власт. Од друга страна пак постои ставот дека државниот удар влијаеше негативно и го намали легитимитетот на претседателот во очите на населението и на големите светски сили.

Независно од заземената страна, моменталната ситуација во Турција е незавидна, а иднината е подеднакво несигурна.

*Автор на текстот е студент од Македонија во Турција кој побара да остане анонимен. Идентитетот на авторот е познат на редакцијата на Радио МОФ.