Книжевниот фестивал „Букстар“ оваа година во знакот на жените

Под слоганот „Симни ми ѕвезда“, од 24-ти октомври до 11-ти ноември, ќе се одржи второто издание на Фестивалот на европската литература „Букстар/Книжевни ѕвезди“, во организација на издавачката куќа Антолог од Скопје.

Оваа година фестивалот е во знакот на жените и пред македонската публика ќе бидат претставени повеќе писателки од Македонија и Европа.

Според организаторот, иако фокусот првично е на европската и македонската книжевност, покрај книжевни промоции,  на фестивалот ќе има и концерти, перформанси, дебати, детски работилници, филмски проекции.

„Мотото ‘Симни ми ѕвезда’ ја прикажува литературата како нешто најдлабоко и облагодорувачко во нашите животи. Ѕвездите се симбол на копнежот по љубовта и по возвишеното. ‘Симнувањето ѕвезди’ е човечки обид да се спојат земското и вонземското, телесното и духовното и во буквална и во метафорична смисла“, велат организаторите.

Програмата е распоредена во три недели. Во главниот дел, на отварањето на 24-ти октомври во 20 часот во Јавна соба, најавена е промоција на романот „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор. Следните денови на фестивалот ќе се промовираат и книгите „Убиство во хотел Босфор“ од Есхаман Ајкол, „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од Агата Тушињска и „Елиза на единаесет години“ од Дојна Рушти. Организаторите најавуваат дека авторките ќе присуствуваат на промоциите.

Фестивалот е поддржан од Европската Унија, македонското Министерство за култура, амбасадите на Холандија и Полска и Јавна соба.

Целосната програма на настани на фестивалот во продолжение:

programa-bukstar-1

programa-bukstar-2