Ќе се отвора нов државен универзитет во Скопје со настава на три јазици

„Мајка Тереза“ ќе се вика новиот државен универзитет во Скопје на кој наставата ќе се изведува на македонски, албански и англиски јазик. Одлуката за негово отворање била донесена на денешната владина седница, потврдија премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми. Според најавите, ќе содржи пет факултети со вкупно 14 студиски програми за прв и втор циклус.

Новиот државен универзитет треба да почне со работа идната академска година, а планирано е отворање на факултет за за градежништво и архитектура, за технички науки, за технолошки науки, за информатички науки и факултет за социјални науки.

„Денеска донесовме одлука да се отвори уште еден универзитет во Скопје кој ќе се вика „Мајка Тереза“. Истиот ќе биде на три јазици, македонски, албански и на англиски јазик и ќе има сериозна интернационална димензија бидејќи ќе има и професори и студенти и Македонци и Албанци, но и странци“, изјави Груевски.

Објектот, како што појасни министерот Адеми, ќе се гради кај поранешната касарна Илинден во Скопје, каде веќе бил усвоен и Деталниот урбанистички план.