Кирацовски: Имаме докази за криминали во проектот „Компјутер за секое дете“

Дојдовме до сериозни индиции за вмешаност на Министерството за информатичко општество и администрација во незаконски тендери и информации што упатуваат на коруптивна и криминална позадина на дел од т.н. проект „Компјутер за секое дете“, што се реализираше преку МИОА, изјави на денешната прес конференција Александар Кирацовски, дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Тој обвини дека станува збор за наоди на профит од стотици, па до милиони евра, што завршувале кај неколку компании блиски дo властa.

„За ова многу се говореше и пишуваше, но ова се официјални документи што конкретно потврдуваат местени тендери, местени услови за конкретни фирми и злоупотреби на народни пари.

Министерството за информатичко општество и администрација дозволило да биде избран поскап понудувач за набавка на лаптопи за учениците, иако постоел друг понудувач, којшто понудил иста конфигурација на компјутерите, а разликата во цена е скоро 2,3 милиони евра.

Понатаму, едно се бара во тендерската документација за набавка на компјутерите, друго стои во одлуката за примопредавање објавена во Службен весник, сосема трето е испорачано.

Во тендерската документација се бараат компјутери со меморија на хард диск од 80 GB.
Во објавата во Службен весник истите компјутерите имаат хард диск со меморија од 4 GB, аво реалноста, испорачаните компјутери имаат хард диск од 8 GB.

Има и други нерегуларности во процедурите за набавка на лаптопите, но она што денеска сакам да го нагласам е веројатниот криминал тежок над 200.000 евра!

Според тендерската документација и договорот, платени се 53.000 лаптоп компјутери за учениците, но до образовните установи се доставени 51.979, или точно 1.021 компјутер помалку“, обвини Кирацовски.

Според него, само од платените а неиспорачани компјутери во нечии џебови завршиле околу 200 илјади евра.

„Во чии џебови завршиле над 2,5 милиони евра од разликата во цена и неиспорачаните лаптоп компјутери? На кого оваа државна институција, чијашто обврска е да се грижи за интересите на граѓаните, правела и други слични вакви услуги и за какви противуслуги?“, праша Кирацовски.