Каранфилова-Пановска: Во име на слободата, да се затворат постапките за невладините организации

Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска денеска поренцираше дека граѓанските организации што беа предмет на истраги на МВР по налог на ОЈО, сè уште немаат добиено официјална информација дека истрагите се завршени и не е пронајден криминал.

„Многу ми е драго што слушнавме изјава од министерот за внатрешни работи дека истрагите што ги спроведуваше МВР по налог на ОЈО кон граѓанските организации се затворени и не се најдени никакви криминални дејства. Таа вест е одлична, но сакам да кажам дека ние, повеќе од 22 организации што бевме предмет на сериозен институционален притисок од декември 2016 до мај, односно јуни 2017 година, сè уште немаме никаков официјален одговор од ОЈО од каде што беше поведена оваа истрага и под чиј налог и МВР и Финансиската полиција и Агенцијата за финансиско разузнавање беа присутни во нашите канцеларии. Немаме никаква официјална информација дека предистражната постапка е запрена затоа што не се најдени прекршувања на законите, а официјална информација за постапките немаме ниту од Управата за јавни приходи“, рече Каранфилова-Пановска, која учествуваше на конференцијата „Е-општество“ на „Метаморфозис“.

Таа потенцираше дека ФООМ ќе продолжи да ги поддржува граѓанските организации да ја следат имплементацијата на големиот реформски пакет. Без таа поддршка на граѓанското општество, без граѓанско општество што ќе биде стручен, компетентен и објективен критичар на власта, вели таа, „нема да успееме во постигнеме за тоа што се заветивме – никогаш да не ни се случи она што го имавме во последните 11 години“.

„Прибе говореше за организациите кои беа под сериозен атак минатата и почетокот на оваа година. Во името на слободата, владата треба да ги затвори овие постапки за да можеме да продолжиме како слободно граѓанско општество, кое ќе биде навистина рамноправен партнер. Во тој контекст, тие постапки да се затворат час поскоро“, рече таа.

Инаку, инспекторираните и контролирани организации уште во првиот дел на годинава побараа во најскоро време да престане, како што рекоа, политичкиот прогон врз нив, а новата власт да провери дали контролата била вообичаени, или пак институциите биле злоупотребени.

Невладините побараа новата власт да истражи дали биле под контрола или прогон

Изминатава година, меѓу другото, организациите реагираа и до Игор Тантуровски, претседател на Државната комисија за спречување на корупција, кој рече дека е „исплашен од влезот на пари за тероризам во Македонија преку граѓански организации и фондации“. Организациите го прашаа антикорупционерот „дали со изјавата укажува за работа на Антикорупциската комисија  за партиски цели?“

22 невладини организации бараат да се истражи работата на ДКСК и Тантуровски