Кампања на „Анима Мунди“ и Венеса Меј: Да ставиме крај на човековото безумие и суровоста врз животните

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ започнa кампања за хуманост кон животните и најстрого санкционирање на мачењето и убивањето животни заедно со светски познатата виолинистка Ванеса Меј, новинарките Јорданка Ивановска – Јоци, Мери Јордановска; актерката Ирена Ристиќ и граѓани активисти кои веќе еден месец дена бараат правда за брутално убиеното куче Идриз.

„Еден месец од суровото убиство на кучето Идриз – во негово име и во име на сите останати како него, бараме најстроги казни за мачење и убиство на животните. Биди јасен и гласен, фотографирај се со твојот миленик и испрати поддршка. Да ставиме крај на човековото безумие и суровоста врз животните во Македонија“, велат од „Анима Мунди“.

Тие потсетуваат дека граѓани со недели протестураа пред куќата на убиецот на кучето. Против сторителот се поднесени 2 кривични пријави. Воедно, во АХВ е поднесена пријава за кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните согласно кој предвидува парична казна за сторителот. Од Здружението, исто така, потсетуваат и на случајот со усмртените две мали маалски мачиња во Кисела Вода.

„Во држава каде што насилството не е строго санккционирано и се охрабрува малолетничка деликвенција и бруталност врз животните, се создава поволно тло за садисти и убиjци“, сметаат од „Анима Мунди“.

Оттаму бараат:

„Итно формирање на Полиција за животни и казна затвор за насилниците; масовна стерилизација, а не масовна елиминација на животните , на улица, или во стационари како скопско Вардариште; забрана за слободната продажба на отрови кои се опасност за здравјето и животот и на луѓето и на животните; строго дефинирана правна рамка и Програми за промоција на концептот на одговорно сопствеништво, важноста од стерилизација, идентификација и регистрација на домашните миленици“.

„Со ова ќе се превенира неконтролираното раѓање на нови единки и ќе се намали бројот на кучиња и мачки кои сопствениците ги произведуваат односно неконтролирано ги размножуваат а од кои најголем дел завршуваат на улица, а потоа убиваат како мерка за запирање на нивната прекубројност“, велат од „Анима Мунди“.