ЈП „Комунална хигиена“ демантира дека во Вардариште постои епидемија на штенечак

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ преку соопштение демантира дека во „Вардариште“ постои епидемија на заразната болест штенечак, откако Здружението „Анима мунди“ обвини дека во стационарот има помор на млади кучиња.

„Воедно, би сакале да ве информираме дека во Стационарот воопшто не се заловуваат новородени (млади) кучиња коишто се подложни на оваа заразна болест. Од друга страна, секое заловено куче во стационарот ‘Вардариште’ го прегледува екипа од ветеринарни доктори коишто проценуваат дали животните се здрави и само заболените, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња се подложуваат на еутаназија, додека здравите животни се стерилизираат, прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити и доколку за време на престојот во стационарот не бидат вдомени, тие се враќаат на локацијата од каде што биле заловени“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Во однос на спроведувањето на Програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, тврдат дека стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветерина на РМ, којашто, велат тие, е единствената институција што може да констатира евентуална појава на епидемија во „Вардариште“.