„Јасна Иднина“: Имаме веб-страница

Здружението „Јасна Иднина“ од село Небрегово, Долнени реагира на информацијата дека тие немаат интернет страница и активности.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално ја пренесува нивната реакција:

„Денес бевме затекнати од вас и од шпекулацијта и ширење невистини за Здружението Јасна Иднина од Долнени. Текстот ви е премногу тенденциозен, а нападот за нашата работа е неоснован. Апсолутно сме згрозени од вашиот тенденциозен текст.

Која беше намената на вашиот текст ние не знаеме? Дали ова го правите за да продолжите да се докажувате кон СОРОС и соросоидната екипа на која и припаѓате, тоа не го знаеме!

Но, да ви кажеме накратко нешто за нас.

Здружението ЈАСНА ИДНИНА с. Небрегово Долнени од 2008 година работи во руралните области на Македонија. Ние како организација имаме ВЕБ страница http://iasnaidnina.mk/ иако вие во вашиот текст лажете дека немаме.

Лажете дека немаме активности. Не можеме да го кажеме тоа со помеки зборови. Вие лажете!

Како не ви е страм за лични интереси да го рушите имиџот на нашето здружение!

За вакви навреди и лаги најчесто следува правна разврска на која ние ќе инсистираме доколку вие не го објавите овој демант во целост!

Главна цел на нашите активности е да обезбеди можности за обука и вработување на младите лица од руралните средини бидејќи многу од нив се судруваат со пречки поради географски и економски причини. Вложуваме напори за развој на одржлива структура што ќе биде во можност на подолг временски период  да помогне во обезбедување на консултантски услуги и можност  за до едукација и подобрување на неформалното образование за младите луѓе.

Ние спроведуваме многу локални проекти, но и национални а и меѓународни. За жал, по се изгледа вие и вашиот ментална и бизнис логика не дозволува во Македонија да функционирааат и други организации сем ОНИЕ кои се подржани од СОРОС. Жално е што начинот на размилување на Вас кои треба да претставуваат прогресивна младина е таков!

Како според вас го објаснувате фактот што кога вие правите активности против владата на ВМРО-ДПМНЕ тоа е кул и во ред, а кога ние правиме активности или имаме изјави против Влада на СДСМ, тогаш тоа не е во ред! Зарем имате некаква логика во вашата објава!

Во однос на нашите проекти, вие може да проверите дека ние имаме голем број на Европски проекти. Моментално нашата организација работи на проект со Германската Амбасада за опремување на една училница во средно училиште во Прилеп. Имаме активен проект во Шпанија и во англија со наши партнери каде целта е развој на младите од руралните средини.

Во нашата историја сме работеле на европски проекти кои сме ги завршиле со најдобри оцени но ЈАСНО е дека вие како организација тешко дека може да видите нешто кое е подалеку од листата на организации кои е подржана од СОРОС“, стои во реакцијата на здружението.

Инаку, „Јасна Иднина“ е едно од 28-те здруженија кои добија средства од Владата. Тие добија 3 милиони денари, или нешто помалку од 50.000 евра, од државниот буџет за грантот со назив „НВО од руралните средини и новите технологии за видливост и промовирање“.