Изложба и хуманитарен базар по повод Светскиот ден на животните

По повод Светскиот ден на животните, здружението Анима Мунди организира хуманитарен базар и изложба во трговскиот центар Рамстор, кои ќе се одржат на 7 и 8 октомври. Тие со овие настани ќе ја одбележат седмицата која е посветена на борбата за нивните права и воведување построги закони за нивна заштита.

„Оваа седмица ги повикуваме сите луѓе да погледнат подалеку од своите проблеми и секојдневни рутини, да погледнат во животните и нивните потресни судбини. Ги повикуваме да им помагаат на животните секогаш и секаде, станат вегани или вегетаријанци и без исклучок да вдомат наместо да купат миленик“, велат од Анима Мунди.

Здружението организира базар на уникатни ракотворби, со чие купување се обезбедува помош – донации за бројни болни и повредени бездомни животни на кои секојдневно наидуваат граѓаните и активистите.

Во исто време, ќе бидат изложени и серија фотографии од животни со посебни потреби.

„Со нивната среќна приказна сакаме да ги инспирираме сите хумани луѓе никогаш да не се откажуваат од оние на кои најмногу им е потребна помош, да бидат упорни и храбро да се соочуваат со бариерите, да вдомат животно со посебни потреби , да не се одлучат да ги напуштат или веднаш еутаназираат“, велат од Анима Мунди. 

Изложбата „ Посебни и совршени“ е поддржана од програмата Civica Mobilitas.

Во склоп на одбележувањето на неделата посветена на животните, ќе се одржи и натпревар, на кој граѓаните ќе имаат предизвик да споделат кратка приказна од првиот момент со нивниот миленик, да прикачат фотографија, или видео со хаштаг #најдобарпријател, а за оние кои ќе добијат најмногу „лајкови“ организаторите ќе обезбедат подароци.