Иванов му врачи мандат на Груевски, следи неизвесен период за состав на Влада

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов попладнево му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Ова доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија најголем број пратенички места на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември. И по прегласувањето во избирачкото место 2011 во Теарце, одржано на 25 декември, партијата на Груевски остана со 51 мандат, СДСМ и коалицијата со 49 пратеници, ДУИ со 10, БЕСА 5, Алијанса на Албанците 3, а ДПА со 2 пратеници.

Сега, мандаторот Груевски во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според прогнозите, следува неизвесен период, особено откако албанските партии потпишаа Платформа со услови, а Алијанса на Албанците и БЕСА денеска најавија дека нема да коалицираат со Груевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека „ќе се обиде да состави Влада, но не по секоја цена“.

Фото: Мета