[Интервју] Желбата на Силве и Тони да го обиколат светот на мотор и да пренесат прегратки од Македонија

„Светот денес полуде“, вели скопјанката Силвана Митрева додека по телефон ни ја објаснуваше идејата за обиколување на светот со мотор, сон што одамна го имале со својот сопруг Антон.

„Сите истото нè мачи, сите ги имаме истите проблеми, каде и да сме. Сите сакаме да живееме мирно и да имаме нормални услови“, додава таа.

Но, за тоа потребна е љубов, забележува Митрева. Според неа, најдобар симбол за тоа е прегратката. Токму поради тоа, Силве и Тони ќе тргнат на авантура со која сакаат да го гушнат светот, но возејќи се на мотор.

„Претходно не сме се обиделе, а сега веќе јас наполнив 50 години, мажот ми 60. Претходно сè нешто се трудевме, ‘ај ова ќе направиме’, ‘ај уште ова’… Сега веќе кога гледаме дека за сè друго е доцна, решивме себично да си ја оствариме нашата желба“, објасни Митрева.

Нејзиниот сопруг, кој инаку е долгогодишен љубител на мотори, ја пренел својата пасија на Силвана, за денес тие да се обидат да бидат првиот македонски пар што направил ваков подвиг.

„Не сакавме да биде обично шетање, сакавме тоа патување да има симболика, да има некоја цел“, нагласи таа.

Тие засега посетуваат градови во Македонија од каде ги собираат прегратките и прават патеписи, а од наредната недела ќе ги објавуваат на својот блог. Со ова, вели Митрева, ќе пренесат дека доаѓаат од мала држава, но со големо срце.

Домашната турнеја ќе ја завршат на 21 јануари, Меѓународниот ден на гушкањето, на плоштадот во Скопје, а светската тура планираат да ја започнат во март, во зависност од временските услови.

„Симболот на гушкање пренесува една универзална порака што сите ја разбираат. И да не се сфатиш со јазик, кога јас ќе дојдам да те гушнам, без разлика каде во светот си, ќе знаеш дека јас ти посакувам мир и љубов. Јас го гледам тоа како интернационално разбирање меѓу луѓето“, смета Митрева.

Сепак, ваков подгвиг значи и потреба од поголеми финансиски средства. Митрева вели дека засега имаат сопствени средства, но за во иднина не ја исклучуваат и можноста да бараат спонзори, или пак да работат во замена за храна и престој, нешто што во странство одамна е пракса.

Нивна желба е патувањето да го завршат за една година, со посета на 40-тина држави на сите континенти.

Митрева ги повика и другите кои досега не ги оствариле своите соништа да се обидат.

„Јас сум убедена дека ова ќе ни успее“, вели одлучно.

Емилија Петреска