[Интервју] Весела Богдановиќ: Македонија има креативни и иновативни наставници

Од илјадници апликации на пријавени иновативни наставници од повеќе од 150 земји во светот, на светскиот натпревар организиран од Varkey Gems Fondation наставничката од Македонија, Весела Богдановиќ беше прогласена за една од 50-те најдобри наставници во светот. Во интервју за Радио МОФ таа говори за нејзината работа со децата, како станала дел од овој натпревар на кој фондацијата најавува дека победникот ќе освои еден милион долари, како и за важноста од вложувањето во креативните и иновативните наставници кои деноноќно работат за доброто на дечињата.

Во конкуренција со илјадници наставници од повеќе од 150 земји, фондацијата Varkey Gems ве прогласи за една од 50-те најдобри наставници во светот. Преку овој избор продолжувате да се натпреварувате во изборот на еден единствен наставник кој ќе ја освои конечната титула Global Teacher Prize, а со тоа и наградата од еден милион долари. Како станавте дел од овој натпревар и што значи ова признание за вас?

Ова е огромно признание на кое неизмерно се радувам. И претходно сум добивала државни и меѓународни награди и признанија, но овде од сам почеток се спомнуваше една единствена конечна награда од еден милион долари и навистина воопшто не се надевав дека би имала некаква шанса да се прочитам себеси дури ни меѓу пријавените. Целата оваа приказна беше далеку од реалност за мене пред се, затоа што скоро целиот материјал што го имам како прилог, сите мои 200 едукативни филмови и работни листови, скоро се е тоа на македонски па не се надевав дека ќе може да допре на начин на кој допира во соседните земји каде делумно разбираат и често ме канат да бидам презентер и обучувач на нивните наставници.

На натпреварот се пријавив откако наставничката Марија Петреска, колешка по англиски јазик, истакнат и креативен наставник, несебично ми го испрати линкот за аплицирање и неколку денови ме убедуваше дека ова е вистинско место на кое треба и мора да аплицирам. Дури и ми помогна во превод на апликацијата на англиски јазик затоа што беше многу обемна, бараше детални описи на досегашната моја работа, линкови за докази до нив, описи на многу аспекти од образовниот процес кој го водам и мои видувања и визии за современото образование.

Иако 12 години работите во малото селско училиште Кочо Рацин, во селото Ивањевци, општина Могила, вашите ученици секојдневно истражуваат, учат низ игра и учат со помош на информатичката технологија, како да се наоѓаат во некое училиште во високо развиените земји. Може ли накратко да ги опишете техниките кои ги користите за да предизвикате ентузијазам за учење кај децата?

Најчесто техниките немаат име во моментот кога ги користам. Делувам според моменталните потреби, желби и интереси на дечињата и секогаш применувам интерактивни техники кои наликуваат на игри. Методот на игра, драмскиот метод и истажувачкиот пристап се основно обележје на мојата работа. Најважни од се се средствата кои ги применувам. Токму тие помагаат најмногу во задржувaње на вниманието на малечките ученици. Користиме многу природни материјали, изработуваме дидактички средства со пренамена на отпад и природни материјали, пена за бричење, сол, шеќер…Се она што може да ја претвори нашата училница во волшебен свет интересен за дечињата.

На вашите YouTube и Vimeo канали, имате објавено преку 200 едукативни филмови од кои можат да учат децата но и наставниците и родителите. Како дојдовте на една ваква идеја? Дали овој начин на учење преку видеа е поинтересен за децата?

Пред 4 години УСАИД и Фондацијата Чекор по чекор во рамки на ПЕП проектот организираа обуки за наставници, обуки за снимање и споделување на добри училишни практики. Благодарение на советничката Лидија Кондинска која ме идентификува како добар пример добив право да учествувавам на таа обука и од тогаш започнав со редовно снимање и продуцирање на своите часови. За време на првиот државен филмски фестивал за едукативни филмови добив прва награда за филмот „Како птиците прават гнездо“. Снимајки ги овие филмови видов колку самото снимање има позитивни влијание врз дечињата. Секоја следна генерција првачиња ми доаѓаа спремни и среќни дека ке бидат дел од вакви активности кои ќе можат повторно да си ги гледааат и дома. Сите се радуваат да се чувствуваат како ТВ звезди, така се доживуаат тие кога се гледаат подоцна и тоа посебно ги мотивира секогаш максимално да се вложуваат во активностите затоа што сакаат подоцна да си се допаднат себеси.  Дури и родителите секогаш со огромна радост го прифаќаат ова затоа што така преку тие филмови имаат прилика да си ги следат дечињата во својот развој и да имаат прекрасни снимени спомени од овој период на своите дечиња. Често со гледање на активноста уште еднаш, дечињата повторно минуваат низ целиот процес и се потсетуваат на се што сме учеле. Некогаш за време на час гледаме филм со соодветна наставна содржина снимен со некоја претходна генерација. Тогаш и овие дечиња уште повеќе се мотивираат и тие да покажат што умеат и како умеат да бидат вредни и креативни и успешни. Од контакти со родители често дознавам дека ваквите наши филмови често им служат и на родителите со дечиња од 3 до 5 години во руралните средини каде нема градинки. Корисни се и за студенти кои имаат прилика да видат живи примери од наставна пракса, за колегите со кои соработуваме со цел размена на идеи и искуства.

Преку пренамена на отпаден материјал, со лични скромни средства и огромна креативност, заедно со учениците изработувате дидактички материјали по сите наставни предмети.  Во лоши услови за патување и со сопствено финансирање, дванаесет години патувате од Битола до селото Ивањевци. Колку државата се грижи за наставниците кои несебично вложуваат во учениците? Како го организирате вашето патување до работното место и дали на некој начин ви помага државата?

Патувањето до работното место за жал одамна не е веќе грижа ни обврска на никој  друг освен на нас самите, наставниците. Само ние си знаеме како и колку пари месечно одделуваме токму за ова и во какви се услови и по колку време патуваме во денот. Не би сакала повеќе да зборувам за ова прашање. Ниту за тоа дали државата прави нешто повеќе, или барем нешто за наставниците кои несебично се вложуваат. Се трудам да мислам на убавото, на дечињата кои насмеани ме чекаат во нашата шарена училница и ме прават најсреќна на свет. Во поглед на поддршка и соработка би сакала да упатам голема благодарност до Фондацијата „Чекор по Чекор“ и до Микрософт затоа што токму тие најмногу ми помогнале, ме поддржале и охрабриле во досегашната работа и што е најважно ми нуделе насоки и прилики за професионален развој. И за крај би сакала да истакнам дека нашата земја имала и се уште има квалитетен наставен кадар, има голем број  на креативни и иновативни наставници кои работаат ден и ноќ за доброто на дечињата и кои максимално соработуваат меѓусебно во насока на лично усовршување и взаемно помагање. Јас сум само една од нив. Верувајте не има многу, токму тука во нашата земја.

К.О.