[Интервју] Милан Тасевски – креатор на првата македонска друштвена игра

Милан Тасевски е дизајнер на игри и графика и огромен ентузијаст за board игри. Минатата година ја создаде играта Small Star Empires, а наредниот месец ќе започне кампања на Kickstarter со цел да најде средства оваа игра да се најде на полиците во продавниците за игри низ светот. Во интервју за Радио МОФ, Милан зборува за играта, „гејмингот“ како хоби и искуствата од најголемиот саем за друштвени игри во Германија.

Како настана Small Star Empires? Од каде дојде идејата да создадеш board игра?

Речиси цел живот се занимавам со секакви игри. Како и секое дете, прво играв на Nintendo, па на компјутер и сѐ повеќе се интересирав за различни игри. Уште од мал ме интересираа игрите како Risk, Монопол. Се сеќавам кога татко ми ја купи играта Battleship кога бев мал и ми се јави интересот за board игрите.

Идејата за оваа игра конкретно ми дојде некаде на почетокот на 2015 година. Работев година дена како дизајнер на игри во Seavus. Откако го напуштив тоа работно место, се сетив да креирам едноставна игра, која може да се игра многу брзо, и малку по малку го развив концептот. Така настана моето board game studio, Archona Games. Имам и веб сајт посветен на друштвените игри, boardgames.mk.

Како се игра оваа игра, кои се приказната, параметрите, правилата?

Играта е смислена за два до четири играчи, а целта е да се колонизира галаксијата. Играчите се движат со своите вселенски бродови по модуларна мапа, и со тоа ги колонизираат планетите и системите во галаксијата. Во зависност од тоа каков систем колонизирале, со секој потег добиваат одреден број поени. Бидејќи се работи за игра со мапа, многу е важно играчот да внимава каде се движи, и го има оној момент на тактичка поставеност како кај шахот.

Прототипот на Small Star Empires го имаш претставено на саемот на board игри во Есен, Германија, кој е најголем ваков во светот. Како посетителите таму ја прифатија твојата игра?

Essen Spiel е дефинитивно најголемата конвенција за друштвени игри во светот. Секоја година бројката на игри кои се таму претставени, но и на посетители, се зголемува. Минатата година имаше околу 150000 посетители за четири дена, што е навистина многу за ова хоби. Луѓето на саемот многу добро ја прифатија играта. Прво ги забележуваа минијатурите, па ја гледаа графиката, за на крај да решат да се обидат да изиграат една игра. Бидејќи брзо се објаснува, а една партија трае околу 15 минути, на посетителите не им беше проблем да пробаат да ја играат. Јас бев дел од Authors Workshop, дел од саемот каде автори без издаден наслов ги претставуваа своите креации.

Кои игри, филмови и книги влијаеле на тебе при креативниот процес на создавање на Small Star Empires?

Јас пред сѐ сум голем фан на научната фантастика. Сѐ што е поврзано со sci-fi жанрот ми е огромно влијание во животот, и горе-долу од таму потекнува и идејата за играва. Имам уште неколку идеи за други игри, кои се исто поврзани со sci-fi. Многу од игрите кои сум ги играл досега, особено Civilization и Homeworld, ми создале некоја мешавина од идеи и механика која ми се врти низ глава во изминатиов период. Од таму произлезе и Small Star Empires.

Колку копии имаш направено досега и како ги изработи?

Досега имам направено околу десетина копии на прототипната верзија, со цел да можам да ја претставам играта пред публика, или да ја пратам некому кој би бил заинтересиран за соработка, без разлика дали е издавач или критичар.

Копиите ги правев во печатница на мој трошок, а ги склопував, режев и ги правев кутиите дома. Пластичните минијатури, односно фигурите, се направени од мој другар кој има 3D принтер, со што многу ми помогна. Во процесот беа вклучени и пријатели и ентузијасти од „Гоблин“.

Каде можат заинтересираните да ја најдат SSE и да изиграат една партија?

Моментално се трудам да најдам начин како да ја промовирам и издадам играта и да ја пуштам во продажба. Најверојатно ќе ја самоиздаваме, што значи дека треба да најдеме средства како да го направиме тоа. Средства ќе се обидеме да најдеме преку crowdfunding платформите како Kickstarter, како и други слични платформи посветени конкретно на друштвени игри. Kickstarter кампањата ќе ја започнам веројатно на почетокот на март. Играта таму ќе може да се нарача. Доколку некој сака да ја игра сега, може да дојде на Board game day во Гоблин, тогаш задолжително има копија таму.

Играта е достапна и за преземање од интернет како print & play верзија, доколку некој сака да ја проба дома.

Што планираш понатаму? Како ќе ја пласираш играта, и во Македонија и надвор?

Со самата Kickstarter кампања, играта ќе биде пласирана и надвор од државава. Кај нас имам поддршка од луѓето кои ги знам, и тоа ми е многу драго. Многумина ми кажале дека едвај чекаат да ја купат играта. Но, знаеме каква е овде ситуацијата, не само за игрите. Ова хоби треба штотуку да се шири во Македонија. Луѓето не се многу запознаени со тоа дека постојат многу видови на игри и дека станува збор за вистинска индустрија. Во Македонија секако ќе се продава во Гоблин, во Буњаковец, а за во странство, работам на планот да организираме дистрибутери и да ја продаваме во поголемите продавници низ Европа и светот.

Во ерата на видео игрите, мислиш ли дека сѐ уште има голем интерес за друштвените игри? Има ли конкретно во Македонија публика за ваков тип на игра?

Кај нас, пред сѐ младите, повеќе се занимаваат со видео игри. Тоа е разбирливо од причина што видео игрите се подостапни, знаеме каква е овде ситуацијата со пиратеријата. Ретко кој купува видео игри. Board игрите не можеш пиратски да ги набавиш, бидејќи се работи за физичка копија. Мора да ги купиш за да ги играш.

Сепак, мислам дека има шанси да се популаризираат и друштвените игри кај нас, но тоа многу зависи и од стандардот, и секако од тоа колку се луѓето запознаени за ова хоби. Во последно време може да се каже дека има многу поголем интерес од порано. Само минатата година се издадени околу 1500 нови наслови. Ова е моментот во кој треба да се искористи тоа златно доба на игрите и оваа култура да се рашири уште повеќе.

Што би ги советувал оние кои имаат идеја за друштвена игра, но не знаат како да ја реализираат?

Најдобро е да почнеш од тоа да викнеш другар, да му ја покажеш играта и да пресуди дали е интересна или не. Најдобриот почеток е некој да ти каже на што треба да работиш, што треба да се поправи и дали е игриво.

Јас во моментов сум најфокусиран на кампањата, но истовремено правам уште 2-3 игри. Сепак, уште не сум подготвен да викнам другари, да играат со мене и да ми дадат критика. Мислам дека тоа е првиот чекор кој секој треба да го направи.

Понатаму работите ќе си дојдат сами по себе. Патентирање на игри всушност многу ретко се случува, бидејќи се прават многу нови игри секоја година, и иако се оригинални идеи, во многу аспекти се поклопуваат едни со други.

Затоа, фидбекот е најважен и фазата во која публиката треба да се заинтересира за играта е најосновната.

Стефанија Тенекеџиева