Институтот за јавно здравје: Состојбата со загадувањето е алармантна

Поради загаден воздух секоја година во земјава умираат повеќе од илјада лица, за една третина се зголемиле заболувањата на белодробниот и кардиоваскуларниот систем, а аерозагадувањето не ги штеди ниту другите органи. Ова го соопшти професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје и национален координатор за областа здравје и животна средина. Тој вели дека живееме во еден тип на еко психоза или токсичен период.

„Минатите пет дена имавме континуитет на концентрации над дозвлените највисоки во Тетово до 350 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, Скопје до 260 микрограми, Битола до 150 микрограми, рече Ѓорѓев кој појасни дека последните десет денови најголем дел од 17 мерни станици во земјава покажале концентрации на ПМ10 честичките далеку над дозволеното ниво.

Миењето на улиците со хемиски средства за Ѓорѓев е парцијална мерка која ги ублажува последиците, но за вистински резултати треба да се влијае врз изворите на загадувањето. Тој информираше дека на состанокот на интерсекторската група идната недела ќе расправаат и за корекции во алармни нивоа за загадувањето, како и за некои од препораките кои се прават европските земји како затворање јавни објекти,  училишта и детски градинки. Влегуваме во фаза кога треба да се преземаат алармни активности, дециден е професорот.

„Мерките покрај тоа што се индивидуални се препорачува на отворен простор што помалку да се престојува, физичка активност да се прекине во вакви услови, да се ограничи активност на надворешен простор. Има и препораки да се носат маски во индустрии каде е загрозен белодробниот систем“, вели Ѓорѓев.

Според него како главни причините за загадениот воздух се нерационалното користење и старите возила, како и несоодветните типови горива за греење и непроверени инсталации во грејните системи.  Затоа, смета дека до одредено намалување на аерозагадувањето може да дојде и со примена на акутни мерки во алармните периоди како ограничување на сообраќајот во централниот дел на градовите, реорганизација на системот на сообраќај, затворање на градежните активности.

Очекувањата на Институтот за јавно здравје се дека болниците се преполни, но и допрва ќе се полнат како резултат на загадениот воздух.