[INmusic 2016] Спектакуларно отворање на фестивалот и ноќ посветена на великаните

И покрај свежото време и калливите подиуми по обилниот дожд во Загреб, отвoрањето на INmusic фестивалот минатата ноќ беше многу посетено и спектакуларно.

Настапите на британското “момче-гениј”, Jake Bugg , Pennywise и арт-рок атракцијата Django Django, поставија високи граници за идните изведувачи. Посетителите во речиси задолжителниот „дрес-код“ – гумени чизми и кабаница, го откриваа сплетот на разни стилови на музика “расфрлани” на прекрасното езеро Јарун, како истражувачи кои откриваат нешто поголемо со секој настап.

Настрана од откривањето на тајните катчиња, како Скриената сцена, Тесла кулата и шаторот за караоке, вечерта незаборавна ја направи настапот на рокенрол епот „Gutterdamerung“. Мултимедијалниот спектакл вклучуваше филм, концерт во живо и богат сценски настап, кој го нарекуваат “најгласниот нем филм на светот”.

Во филмот, преку раскажување на мрачна епска борба меѓу рокот и религијата на платно, додека Хенри Ролинс и бендот во живо го исполнуваат дијалогот, „Gutterdamerung “ му оддава почит на рокот како движење, но и на сите негови великани вклучени во проектот. Во филмот настапуваат музичари како Иги Поп, Грејс Џоунс, Том Араја, Џеси Хјуз, Слеш, но и Леми Килмистер, во чија чест овој проект беше донесен на INmusic 2016. Со „Ace of Spades“, кренати раце и громогласен аплауз, публиката му оддаде почит на починатиот фронтмен на Motorhead.

Денеска на програмата на 11-тото издание на INmusic 2016, се најавени и настапите на „Florence and the machine“, „Skunk Anansie“, „Pat Thomas & Kwashibu area band“.

Стефанија Тенекеџиева